„Девојка со крилја“ - Србинка родена без раце слика, патува и е првак во теквондо
Дејана Бачко од Србија е родена без раце, но таа слика, патува и е првак во теквондо, а себеси се нарекува „девојка со крилја“ која дефинитивно е инспирација за сите кои се жалат без причина - вака се живее животот во полн здив.
Можеби веќе имате прочитано кај нас за Дејана Бачко од Нови Сад, деовјката која самата се нарекува „девојка со крилја“ и живее според мотото „Верувај во себе и ќе леташ високо“.
Таа е родена без раце, но ова не ја спречува да го живее животот со полни гради. Оваа млада девојка патува, слика, плива, игра фудбал и е првак во таеквондо, а смета дека за неа не постои неуспех.
Дејана е родена во 1994-та година и до 5-годишна возраст живеела во дом за деца со посебни потреби, но нејзините родители сфатиле дека местото не ѝ е таму. Па уште од најрана возраст, Дејана научила самата да се грижи за себе.
На 14 години се запишала во уметничкото средно училиште во Нови Сад, а потоа студирала и на Академијата за уметност.
Во меѓувреме, таа станала првата личност од Србија со инвалидитет која е шампион во теквондо, откако освоила златен медал на Светското параолимписко првенство за теквондо во Турција.
Во интервју направено кратко по нејзината победа, Дејана изјави:
„Тренирањето со инвалидитет не е многу поразлично. Тренирам секој ден, а пред натпреварот тренирав двапати дневно. Не е лесно да се постигнат резултати, успехот не се случува преку ноќ и треба многу труд и време, многу тренинг и пот“.
Дејана целела и кон Олимписките игри во Токио, кои годинава беа откажани, но можеби следната година ќе има можност да учествува. Неодамна, пак, Дејана почнала да учи и стрелање.
Кога станува збор за сликањето, една од нејзините професорки на факултет има изјавено дека неретко заборава дека Дејана нема раце, но во тие моменти сфаќала дека младата девојка навистина има крилја.
Дејана често се прашувала зошто токму таа е родена без раце, но не дозволува ова да влијае врз нејзиното расположение или шансите за успех.
„Така сакал Бог. Можеби не ми дал раце, но ми дал многу други таленти. Никогаш не ме спречувало тоа што сум родена без раце. Со помош на мајка ми Сандра, која ми е најголемата поддршка, можам да направам што било. Единствено не можам да си ги закопчам фармерките“, сподели Дејана во едно интервју.
25-годишната девојка има и момче со кое се заедно подолго време.
„Благодарна сум му за многу нешта. Налетавме еден на друг, многу сме слични – помеѓу нас нема огромни разлики и мислам дека тоа најмногу нè зближи. Одлично се разбираме, а тој ми е огромна поддршка“.
Дејана има и Инстаграм профил со над 40.000 следбеници, каде што споделува фотографии од нејзиното секојдневие. Таа одново и одново докажува дека навистина е „девојка со крилја“ и дефинитивно сите можеме да научиме нешто од неа за тоа како се живее животот со полн здив.