Емотивниот момент кога поранешна балерина со Алцхајмер ќе се сети на танцот од Лебедово езеро (видео)
Кога една поранешна балерина со Алцхајмер почнува да ја слуша „Лебедово езеро“ од Чајковски, веднаш се присетува на младоста и почнува да ги движи рацете и да танцува.
Неодамна се појави видео кое нема да ве остави рамнодушни. На видеото се гледа поранешна балерина со Алцхајмер, на која ѝ пуштаат музика од балетот на Чајковски – Лебедово езеро.
Кога почнува да ја слуша музиката, поранешната балерина, која е во инвалидска количка, почнува да ги движи рацете и да танцува.
Видеото беше објавено од шпанска организација Asociación Música para Despertar, која се обидува да ја промовира терапијата со музика за луѓе кои имаат проблеми со сеќавањето, деменција и Алцхајмер.
Жената во видеото е примабалерината Марта Гонзалез која танцувала во Њујорк во 1960-тите, а во текот на кариерата, неколкупати била дел од балетот Лебедово езеро. Со ова видео таа покажала дека изведувачите како неа никогаш не го забораваат нивниот тренинг и потребна им е само музика за да се присетат на движењата.
Марта починала во 2019-та, а од организацијата велат дека видеото било снимено во Шпанија истата година.
„Моќта на музиката не може да се измери. Нека почива во мир“, изјавиле од организацијата во чест на Марта.
Видеото го споделија многу луѓе, помеѓу кои и славни како Џенифер Гарнер и Антонио Бандерас.
На видеото споделено од организација се вметнати и инсерти од балерина која танцува, но наводно ова не е Марта.
Според Алистер Меколи, познат балетски критичар кој работел за The New York Times, инсертите вметнати во видеото се од примабалерина од Русија која танцува на музика од друг композитор.
Од организацијата, пак, изјавиле дека не можат да најдат видео од Марта кога уште била балерина, но успеале да најдат фотографија, како и диплома која докажува дека таа навистина е примабалерина која танцувала во Њујорк.
Сепак, без разлика која балерина е претставена на инсертите, видеото со Марта докажува дека музиката може да биде важен дел од терапијата кај пациентите со деменција и Алцхајмер.
Без разлика што таа не е балерината на постарите инсерти, музиката на Чајковски очигледно разбудила нешто кај неа ѝ ја потсетило на младоста. А, од организацијата се обидуваат да го нагласат токму тоа.
„Ова видео покажува колку важна алатка е музиката за луѓето со вакви нарушувања. Прекрасно за гледање“, напишале од Здружението за луѓе со Алцхајмер, кои исто така го споделиле видеото.
Спирова С. | Црнобело