На која возраст почнуваме да се сеќаваме на работите од минатото и зошто не го помниме раното детство?
Кое е вашето најрано сеќавање? Веројатно не можете да дадете точен одговор на ова прашање.
На околу 2-годишна возраст, кога колку-толку знаат да зборуваат, децата можат да се сетат на неодамнешни настани – што правеле вчера, што јаделе за појадок и слично.
Подоцна, до кај 5-тата година, децата подобро можат да ги опишат поважните настани од нивните животи, како на пример роденден или одмор.
Кога веќе ќе наполнат 7 години, речиси сите деца добро се сеќаваат на изминатите настани, исто како и возрасните. Сепак, кога ќе им е постави прашање за настан што се случил кога имале 2-3 години, тие не можат да се сетат.
Оваа појава е позната како детска амнезија.
Експертите се свесни за оваа појава стотици години, но таа сè уште претставува мистерија. Постојат многу теории зошто не помниме речиси ништо од раното детство, но немаме некој конкретен заклучок.
Сигмунд Фројд бил еден од првите кои ја истражувале детската амнезија и тој верувал дека таа настанува поради репресија на трауматични сеќаваа, кои се случиле за време на психолошкиот и сексуалниот развој на децата.
Од другa страна, експертите од помодерно време веруваат дека оваа амнезија е поврзана на социјалниот и невролошкиот развој на детето. Со други зборови, деловите од мозокот одговорни за складирање долготрајни сеќавања не се доволно развиени, па децата ги забораваат настаните.
Некои истражувања покажале дека можеби големо влијание има и фактот што децата помали од 2 години имаат сиромашен вокабулар или не зборуваат воопшто. Односно, децата на таа возраст не можат да раскажуваат за настаните, па веројатно затоа и ги забораваат.
Сепак, се покажало дека некои настани од детството можат да ја „победат“ детската амнезија. Воглавно, ова се сеќавања кои биле придружени со силни емоции.
Ако, на пример, детето доживеало некаква несреќа на 2-годишна возраст, овој настан предизвикал многу негативни емоции, па останал во неговото сеќавање.
Постојат и ситуации каде што возрасните се сеќаваат на нешто од многу рана возраст, но најчесто се покажувало дека ова се лажни сеќавања, оформени поради прашањата поставувани во врска со настанот или некои работи што ги слушаме во врска со тој настан. Нормално, возрасните не се свесни дека лажат и веруваат дека тоа сеќавање е реално.
Некои истражувања покажале и дека неретко, и родителите влијаат врз сеќавањата од детството. Имено, ако родителот му помогне на малото дете да го оформи сеќавањето – преку зборување за него и слично – помала е веројатноста дека детето ќе го заборави.
Изгледа дека исто како многуте други нешта што ги учат децата додека растат, и помнењето е едно од нив. Со текот на времето, нивната меморија се развива и подобрува, па тие помнат сè повеќе и повеќе настани.
Спирова С. | Црнобело