Работи што ги користиме речиси секојдневно, но некогаш биле луксуз
Свила
Со векови, свилата се изработувала само во Кина, а малкумина знаеле како се одвива процесот. Поради кинескиот монопол, свилата ја достигнувала и цената на златото.
По некое време, и Европејците дознале како се прави свила, па Кина повеќе немала монопол. После Втората светска војна, во текстилната индустрија почнала употребата на најлон, со што побарувачката за свила драстично опаднала. Иако свилата и денес е малку поскапа, сепак им е достапна на многу луѓе.
Виолетова боја
Виолетовата боја, некогаш нарекувана и „кралска виолетова“, во минатото се користела само за свечена и церемонијална облека, а се правела од морски полжави.
Познато е дека Феникијанците користеле илјадници полжави за да направат само еден грам боја. Одовде станува јасно зошто била толку скапа.
Сепак, околу 1900-тите била откриена хемиска супстанца со која може да се добие слична нијанса, па бојата станала поевтина. Денес оваа боја се добива на разни начини, со разни формули, и нејзината цена зависи од тоа.
Интернет
Иако првиот прототип за интернетот е уште од 1960-тите, на почетокот идејата не била да се користи како денес.
Интернетот е креација на ARPANET, и бил проект финансиран од Одделот за одбрана на САД, а замислата била да се поврзат неколку компјутери кои ќе работат на иста мрежа. Ова значи дека мал број луѓе имале право на овој луксуз.
Но, како што мрежата се зголемувала, интернетот прераснал во она што го знаеме денес.
Смартфони
Помладите генерации можеби не се сеќаваат, но пред само една деценија, смартфоните беа вистински луксуз. Иако постоеја мобилни телефони уште од 90-тите, смартфоните беа нова технологија што не можеше да си ја дозволи секој.
Екранот на допир, моќните камери, апликациите... сето ова беа работи што првпат ги видовме кај смартфоните.
Иако и денес новите модели имаат повисока цена, смартфонот е уред што го има речиси секој.
Спирова С. | Црнобело