„Никој нема да се ожени со дебела“ – 10 митови за жени со вишок килограми во кои упорно сите веруваат
Доколку се борите со вишокот килограми, многу веројатно е дека сте ги почувствувале овие навреди на сопствената кожа многупати досега.
Луѓето едноставно се чувствуваат повикано да дадат коментар во врска со туѓиот физички изглед, иако никој не ги прашал ништо.
Постојат многу митови во врска со крупните, полнички жени во кои луѓето сè уште упорно веруваат и ги истакнуваат во секоја погодна прилика:
Мит 1: Полните жени треба да се едуцираат подобро во врска со исхраната
Бидејќи општеството постојано врши притисок, секојдневно потсетувајќи нè за формата на „идеалното“ женско тело, бомбардирајќи нè со фотографии, текстови и видеа во врска со тоа како треба да изгледаме, вистината е дека покрупните жени се многу едуцирани во врска со начините на здрава исхрана, суфицитот и дефицитот на калории, јаглените хидрати, мастите и протеините.
Мит 2: Полните жени само треба да се упатат кон теретана и да вежбаат
Тежината нема никаква врска со тоа дали некој е фит или не. Многу од покрупните жени имаат повеќе мускулна маса и поголема кондиција за разлика од некои со многу помалку килограми.
Мит 3: Полните жени се „лесни“ во кревет
Ова е едноставно одвратно. Да мислите дека може да спиете многу побрзо и полесно со некоја жена само поради бројката на нејзините килограми е апсурдно и треба да се засрамите поради ваквите недолични ставови и коментари.
Мит 4: Полните жени се лоши примери за своите деца
Доколку сте самокритични, не можете да се поднесете и се мразите себеси тогаш поставувате лош пример за своите деца.
Доколку успевате да се сакате себеси и своите деца токму онакви какви што сте, без оглед на вашата тежина и форма на телото, тогаш поставувате вистински пример.
Мит 5: Сите полни жени се многу нездрави
Не можете да судите за нечие здравје врз основа на телесната тежина. Нивото на енергија и кондиција, како и крвна анализа се најдобрите показатели за нечија здравствена состојба.
Иако дебелината се поврзува со многу здравствени состојби, сепак не може да тврдите дека СИТЕ дебели луѓе се нездрави. Можно е да бидат во далеку подобра здравствена состојба од некој многу послаб.
Мит 6: Жените се дебели бидејќи непрестајно јадат
Многу од жените се соочуваат со здравствени проблеми поврзани со работата на тироидната жлезда, нарушување на останатите хормони за правилна работа на телото, а можеби се и на некаква друга терапија која придонесува за зголемен вишок на килограми. Немојте едноставно да судите пребрзо – не е ваша работа.
Мит 7: Полните жени немаат силна волја
Напротив, би рекле дека вистината е токму спротивното. Бидејќи најголемиот дел од нив ги испробале сите диети, се обиделе со многу рестрикции, кои за жал не функционираат на подолг временски период.
Сепак, кога го кажува тоа некој кој нема никаква мака со килограмите и не вежбал ниту еден ден во животот е навистина болно за слушање.
Мит 8: Полните жени имаат ниска самодоверба
Многу жени реално имаат проблем со самодовербата и изгледот на своето тело – не затоа што се дебели, туку затоа што постојано сме бомбардирани од страна на општеството, медиуми и социјални мрежи, кои упорно нè убедуваат дека не сме доволно добри онакви какви што сме.
Самодовербата едноставно нема врска со килограмите. Или имате или немате самодоверба. Толку е едноставно.
Мит 9: Никој нема да се ожени со полна девојка
Не бидете глупави. Погледнете околу себе.
Мит 10: Дебелите жени треба да држат диета
Никој, никогаш не треба да држи диета. И престанете да ги делите овие совети, особено неповикано и незапрашано.
По диетата речиси секој ќе го врати вишокот на килограми. Потребно е да се промени начинот на исхрана, сфаќањето за тоа како функционира храната и сопственото тело и да се одбере физичка активност која ќе ѝ одговара на личноста и во која ќе ужива.
(О)Милена | Црнобело