Најјасната фотографија од Месечината направена со комбинација на илјадници други – изгледа магично
Месечината беше недостапно место, сè до 1969-та кога човекот првпат стапна на неа. Но, нашиот природен сателит отсекогаш нè фасцинирал и луѓето секогаш наоѓале начини да ја истражуваат Месечината без да ѝ се доближат.
Еден од поедноставните начини да ја набљудувате површината на Месечината е преку фотографии, но воопшто не е лесно да направите јасна фотографија додека се наоѓате на Земјата.
Сепак, еден фотограф го дал најдоброто од себе и ја добил можеби најчистата фотографија од Месечната направена од Земјата.
Ендру Мекарти поминал неколку недели во овој подвиг и трудот дефинитивно се исплател. А, за да ја добие фотографијата, тој комбинирал илјадници други фотки од Месечината, направени во нејзините различни фази во текот на две недели.
Во процесот на изработка, Ендру ги одбирал деловите од фотографиите со најголем контраст и ги спојувал во една. На крај добил слика која ги прикажува кратерите на Месечината подетално од кога било.
„Во најмала рака, ова беше заморно, најмногу бидејќи Месечината нема иста положба секој ден“, вели фотографот.
Поради променливата местоположба на Месечината, тој секоја фотографија ја мапирал на тродимензионална сфера, за да ја порамни со другите фотографии.
Ендру има направено и уште една фотографија од Месечината, за која комбинирал дури 20.000 фотографии.
„Оваа слика е комбинација од 20.000 фотографии, кои се уредени така што се гледаат ѕвездите, боите и темната страна на Месечината. Потоа сликата е обработена со алгоритми на вештачка интелигенција за да се изострат деталите“, вели Ендру.