Одлични видео игри што ќе ви го исполнат слободното време
За многумина е многу тешко тоа што мора да поминат долг период дома, но ќе биде полесно ако имате занимација, посебно ако сте љубител на видео игри.
Доколку веќе ви се смачи од гледање серии и филмови, зошто да не го поминете слободното време со некоја видео игра?
Можеби најдобри игри за периодов се од типот „open world“, кои со часови ќе го задржат вашето внимание, но исто добри се и акционите и онлајн игрите.
Ако сте нови во „гејмингот“ и не знаете од каде да почнете, тогаш пробајте некоја од следниве (сите игри се достапни за Microsoft Windows):
The Elder Scrolls V: Skyrim (2011)
Ова е можеби најпопуларната игра на сите времиња. Дури и речиси цела деценија после нејзината „премиера“, милиони луѓе ширум светот сè уште ја играат.
За да го поминете главното дејство на играта, ќе ви требаат часови, а ако ги извршувате и сите „side quests“, речиси никогаш нема да ја завршите.
Во Skyrim ќе имате можност да се борите со змејови, да истражувате зандани и да извршувате секакви мисии. Притоа, за играта се достапни и бројни „модови“, што ѝ додаваат нови елементи на играта, но и нови предизвици.
https://www.youtube.com/watch?v=FBd3qYLS4FA
Трилогијата Dark Souls
Dark Souls се игри што искусните гејмери ќе ги поминат за неколку часа. Но, ако не сте играле ништо од серијалот, можете да заглавите уште на првото ниво.
Всушност, целиот серијал е познат по тешките битки, а играчите мораат да ја запомнат локацијата, но и нападите на противниците доколу сакаат да го поминат нивото.
Death Stranding (2009)
Ова е игра на познатиот Хидео Коџима и дефинитивно не е за секого. Дејството се одвива навистина бавно и речиси 30 часа од играњето ќе поминете одејќи низ празни пештери.
Сепак, приказната е навистина мистериозна, има безброј пресврти и крајот ќе ве остави со повеќе прашања отколку одговори.
Ако не ви се допаѓаат игри со пукање и многу акција, нема да погрешите со Death Stranding.
Tomb Raider Reboot Trilogy
Веројатно досега сте слушнале за Лара Крофт. Можеби сте ги изгледале и филмовите со Анџелина, но ако не сте ги изиграле игрите, морате да им дадете шанса.
Во 2013-та игрите добија свој римејк и три нови продолженија. Tomb Raider, Rise of the Tomb Raider и Shadow of the Tomb Raider ни кажуваат како Лара станала хероината што ја знаеме сите.
Ова е „open world“ игра исполнета со акција, историја, авантури и, се разбира, истражување гробници.
The Withcer 3: Wild Hunt
Серијата што почнаа да ја нарекуваат новата Game of Thrones е всушност направена според истоимената игра.
Играта добри бројни позитивни критики, и тоа за гејмплејот, приказната, дизајнот, визуелните ефекти и незаборавната музика.
Во играта вие го контролирате Џералд кој ја бара неговата изгубена посвоена ќерка. Притоа, играта има безброј „side quest“, секакви митски суштества, но и многу магија.
Assassin’s Creed (Ezio trilogy)
Серијалот Assassin’s Creed има неколку продолженија, но трилогијата со ликот Ецио е можеби најдобра.
И ова е „оpen world“ игра, а дејството е сместено во Италија, во периодот околу ренесансата.
Ликовите и настаните во играта се колку-толку историски точни, па ќе имате можност да научите многу за овој период. Притоа, покрај забавните мисии и „side quests“, ќе можете да прошетате низ Венеција, Фиренца и други италијански градови, кои се направени што е можно поавтентични.
BioShock Infinite
Ова е третото продолжение на серијалот BioShock, но приказната не е поврзана со претходните делови.
Играта е сместена во 1912-та година, а ликот што го контролира играчот има задача да ја пронајде девојката по име Елизабет. Елизабет е заробена во градот кој буквално виси во воздух и е наречен Колумбија.
Во играта преовладува таканаречениот стимпанк стил, има навистина интересен дизајн, а дел од приказната е направена според некои од најважните историски настани кои се случиле на почетокот од 20-от век.
Дејството, мрачните тајни, пресвртите, но и неверојатниот гејмплеј нема да ве остават рамнодушни.
https://www.youtube.com/watch?v=EsJ55BzIvkE
Спирова С. | Црнобело