Кое е вистинското значење на вашите соништа?
Ако се разбудите сред ноќ и сфатите дека срцето ви чука, а дишењето ви се забрзува, бидејќи на интервју за работа дојдовте завиткани во пешкир, не се грижете. На секој му се случило да сонува ваква ситуација.
Во зависност од толкувачот за соништа што ќе го читате наутро, веројатно ќе прочитате дека сте биле презаситени од работа, дека имате чувство на срам или можеби ќе прочитате дека сонот предвидува некоја опасност. Сепак, сето ова не е научно докажано.
Соништата можат да ни дадат корисен увид во нашите животи, но сепак, тие не содржат симболи. Ниту еден речник или толкувач не може да ви каже што навистина значи вашиот сон.
Луѓето долго време се обидуваат да го сфатат значењето на соништата. Месопотамците и Египќаните ги сметале за пораки од боговите, а Грците и Римјаните ги користеле за предвидување на иднината. Но, верувањето дека симболите во соништата ја носат тајната на вистината за нас потекнува од Зигмунд Фројд.
Тој сметал дека соништата ги откриваат нашите најдлабоко потиснати желби и намери.
Секојдневно размислување
Всушност, сонувањето е многу повеќе како секојдневното размислување, што значи дека не сите соништата се бесмислени. Истражувањата сугерираат дека во сонот ги обработуваме истите интереси, сеќавања и грижи што нормално би нè окупирале во текот на денот.
Имаме исти фантазии, размислуваме за стравови и закани, за нашите животи и луѓето со кои сме опкружени.
Продолжение на нашите мисли
Соништата имаат психолошко значење и повеќе се продолжение на нашите будни мисли и грижи. Соништата почесто се убедливи приказни од нашиот секојдневен живот, отколку сценарија од акциони филмови.
Нашите мозоци функционираат малку поинаку додека спиеме. Тие, всушност, работат во многу поинаква биохемиска состојба. Додека спиеме, во нашиот мозок се менуваат хемикалии. Некои делови од нашиот мозок стануваат помалку активни, додека некои се интензивно активни.
Секундарниот визуелен кортекс - делот од нашиот мозок што формира слики - станува поактивен, при што се создаваат слики што ги „гледаме“ за време на спиењето. Во меѓувреме, префронталниот кортекс, кој обично ги филтрира нашите мисли, привремено се „исклучува“.
Се јавува дијалог помеѓу делови од умот кои функционираат во повеќе симболична смисла и делови од умот што функционираат во логична смисла. Сепак, не постои формула за толкување на соништата.
Соништата нудат само увид во тоа како ги обработуваме информациите во текот на една третина од животот што ја поминуваме во спиење. И, барем Фројд бил во право за тоа. Тој ја вовел идејата дека соништата имаат смисла. Дека можеби не ја предвидуваат иднината, но можат да ни кажат нешто за нас.
Ашера | Црнобело