Најинтересните работи што можете да ги видите на Google Maps (прв дел)
Во 2005-та година Google го пушти во употреба сервисот за мапирање Google Maps.
Благодарение на ова, денес секој што има пристап до интернет може да „патува“ низ светот, од удобноста на својот дом. Исто така, со помош на Google Maps, интернет корисниците откриваат бројни интересни работи кои се забележуваат само од птичја перспектива.
Во продолжение, погледнете некои од најнеобичните пронајдоци од Google Maps:
Авион во шума
Во 2003-та година, поранешниот американски инженер Брус Кемпбел купил патнички авион Boeing 727. Тој го сместил авионот во шума во рурален предел на Орегон, САД, и го оспособил за живот.
Инженерот живее во авионот повеќе од 16 години, а понекогаш организира и тури низ неговиот уникатен дом.
Натпис „2000“
Пред 19 години, во чест на новиот милениум, во Онтарио, Канада беа засадени дрва кои го формираат натписот „2000“. Ако сте на земјата, нема да го забележите ова и натписот е видлив само до птичја перспектива.
Натпис „Ленин има 100 години“
Во 1970-та година, Советскиот Сојуз го обележа 100-тиот роденден на Ленин. Во негова чест биле посадени дрва кои ги формираат зборовите „Ленин има 100 години“, на најмалку 4 места.
Натписот од фотографијата е лоциран во регионот Курган во Русија.
Целиот натпис е долг 600 метри, а дрвата се високи околу 80 мети.
Џинот од пустината Атакама
Во пустината Атакама во Чиле се наоѓа огромен геоглиф. Се смета дека ова е најголемата праисториска фигура што наликува на човек.
„Џинот“ е долг 119 метри, а се претпоставува дека е направен пред 3.000-3.500 години.
Сè уште не се знае која е симболиката на геоглифот, ниту пак кој го направил.
Цртежи во пустината Наска
На јужниот дел од Перу се наоѓаат огромни геометриски фигури, видливи само до птичја перспектива, кои се познати како Линиите Наска.
Ова огромно ремек-дело го сочинуваат 30 цртежи од птици мајмуни, пајаци и слично, околу 700 геометриски фигури, 100 спирали и речиси 13.000 линии.
Потеклото на овие геоглифи е непознато, а археолозите веруваат дека се дело на Наска цивилизацијата, која го населувала регионот пред 2-риот век од нашата ера.