Вработени во типична МК фирма
Македонија е земја без свое производство и без стратегија, па затоа делува како “мала лаџа на узбрканом океану” како што би рекол Среќко Шојиќ.
Општи правила за секое македонско претпријатие, а богами и за сите во бивша СФРЈ се: скоро никој не работи во струката, сите работат сè, платите се мали, но шансите за “дилови на страна” се големи.
Па поради повеќегодишното искуство на македонските претпријатија некако природно се искристализираа неколку типови на личности во работното окружување.
Веројатно е дека многу од нив, а можеби и самите себе ќе се препознаете.
Генерален директор – сепак мора да се започне со овој древен облик на живот кој еволутивно поприлично се адаптирал во однос на добата на социјализмот. Генералниот директор на македонското претпријатие е просед, слаб и носи фото-греј очила кои ги носеле фраерите од крајот на 70тите од времето кога тој како студент сонувал да се обогати. До почетниот капитал стигнал најверојатно со крадење од државната фирма во која работел.
Вработените се плашат да го погледнат во очи затоа што легендата вели дека во истиот момент ќе се претворат во камен. Никогаш не е на работа и се збори дека секогаш е на некои состаноци. Со себе носи актовка во која што најверојатно нема ништо, но важно делува деловно. Има компјутер во канцеларијата, но сепак сè запишува во дебел роковник со кожни корици.
Љубовницата на директорот – Личноста која е главен газда во фирмата. Физички задолжително наликува на најголемата љубов на директорот од студентските денови која го оставила затоа што бил сиромашен и досаден и се омажила за некој згоден милионер. Со љубовницата, директорот пробува да доживее втора младост, овој пат ситуиран и сигурен во себе. Со оглед дека му е слаба точка, таа ја презема целата командата во фирмата.
Од школо, има завршено средно и диплома од виша бизнис школа која ја платила нешто помалку од силиконите. Официјалната положба на љубовницата на директорот најчесто е некоја измислена функција само колку да биде вработена, а висината на платата зависи од нејзината спремност да ги исполни сите очекувања и фантазии на директорот.
Заменик директор – за разлика од генералниот директор кој е “лошиот”, заменик директорот е секогаш “добриот”. Тој е секогаш насмеан и вработените го сакаат. Се труди на секој вработен на фин и ортачки начин да му пренесе што е неговата работа: “Подобро направи го ова до понеделник зашто директорот ќе нè среди и тебе и мене.” Често презема повеќе обврски отколку што може да сработи и секогаш има илјада неотворени пораки. Сака да ги проучува трендовите и верува во бајката дека потрошувачите се клучот за успехот на фирмата. Во нормална земја тој би бил генералниот директор.
Секретарка – Згодна и добродушна девојка која директорот ја запознал во некоја кафана, помислил “уффф како би те...”, а ѝ рекол “сакаш да бидеш секретарка кај нас во фирма, баш имаме слободно место.” Секако љубовницата на директорот не може да ја смисли затоа што ги сфатила намерите на директорот. Секогаш ѝ прави сопки за сиротата да испадне неспособна и го труе директорот дека треба да ја отпушти затоа што е глупа.
Директор на финансии – Префригана тетка со мини вал и очила кои висат на ланче околу вратот. Работела во некоја државна фирма која пропаднала во почетокот на 90тите и таму го испекла занаетот. Без неа, фирмата сигурно би пропаднала, бидејќи ги знае сите суштински работи за опстанок на ваква фирма: извлекување пари од сметките, плаќање на рака, отварање на фантомски фирми, перење пари, повраток на ДДВ, лажирање на завршната сметка и останати вообичаени активности.
Возач – Млад дечко кој го мрзело да заврши школо. Едно време работел како таксист, па преминал во фирмата. По работното време, низ град го вози Аудито на директорот и мува приградски девојчици со 0 коефициент на интелигенција кои му веруваат дека колата е негова. Собира пари за да отвори свој бизнис со увоз на коли од Германија. Ги знае сите тајни на директорот бидејќи овој цело време телефонира од колата. Ако сакате да знаете како навистина финансиски стои фирмата прашајте го него.
Техничко лице – Вишок килограми, очила без рамка, капки пот на челото и маица со хоризонтални линии и крагна се основни визуелни карактеристики на овој член на колективот. На состаноците најчесто молчи и го чека крајот на состанокот кога некој ќе праша “Добро, имаме ли уште нешто да се договориме околу техничките детали?” Им инсталирал на сите вработени Firefox и Google Chrome и постојано им зборува дека треба да го користат тоа наместо она плавото на Бил Гејтс додека овие скроз збунето го гледаат. На работа доаѓа ненапсан поради непреспиените ноќи пред компјутерот. Навечер во фирмата остава уклучен торент на серверот да се симнува некој порно филм бидејќи врската е навистина брза.
Правник – Стабилен и скоцкан дечко, секогаш во скапоцено одело со кравата. Носи актовка во која има нешто за разлика од директорот, бидејќи има полни раце работа да ги реши проблемите што директорот ги направил. На секое минимално барање одговара дека му требаат 2 до 3 недели за да ги согледа сите аспекти, а кога се разгледуваат креативни решенија за решавање на проблемите, прв е тука да ги оспори со образложение дека тоа се озбилни работи со кои нема играње.
Чистачка – Прво што приметувате на нејзе се црните волнени чорапи на бели работни кломпи и плавиот комбинезон. Живее во некоја населба на спротивниот крај на градот и менува 3 автобуси како би стигнала на работа. Се прави дека не знае ни дури со што фирмата се бави и дека е дојдена само да исчисти и да си оди дома, а всушност знае што се случува во фирмата и меѓу вработените, подобро и од директорот. За жал многу често има повисоко образование од голем дел од вработените во фирмата.
Кафе куварка – Девојка која се пријавила на огласот за секретарка, но не била доволно згодна. Носи марама околу глава и дијалогот со вработените и гостите во фирмата секој пат гласи буквално вака: “Што ќе се напиете” –“Кафе” –“Какво кафе? Имаме турско, еспресо, нес?” –“Еспресо” – “Долго или кратко?” –“Долго” –“Со млеко, шеќер...?”
Кафе куварката во слободно време чита жолт печат, а пред крајот на времето флертува со тој од обезбедувањето.
Курир – Молчелив лик кој никогаш не е во фирмата кога е потребен. Кога испорачува пратка, поминува уште еден час блеејќи во кафето како изговор дека имало гужва во сообраќајот. Добил работа во моментот кога фирмата станала доволно голема да ѝ затреба курир, а тогаш некој од вработените рекол “Имам јас братучед од тетка, кој и онака по цел ден само игра игрици и го издржуваат неговите. Дајте да го вработиме.”
Рецепционерка – Студентка со слатко лице која ги дочекува гостите со прашањето “Имате ли закажано?” Директорот ја ставил да биде првото нешто што ќе го видат гостите на влезот, како би се понадевале дека има уште такви во фирмата и дека со фирмата треба да се соработува.
Најчесто тоа е студентката на која ѝ останале уште неколку испити до крајот на студиите и која се понадевала дека тука ќе може да седи и да учи, а по пат и нешто да заработи. Секако, од тоа нема ништо бидејќи постојано некој ѝ ѕвони на телефон и ѝ доаѓаат гости. Откако ќе сфати дека нема ништо од учењето, си заминува и на нејзино место доаѓа нова неискусна студентка со нереални очекувања.
Фантомска трудница – Единствената жена која некогаш знаела да направи нешто како што треба во фирмата, но е на породилно боледување веќе трета година по ред, со тенденција никогаш да не се врати на своето работно место бидејќи е доволно паметна да побегне од фирмата што побрзо. Новите вработени кои никогаш не ја запознале слушаат приказни за нејзе и легенди од старите колеги “Ееее да беше сега тука Марина/Славица/Бранка, знаеш ли како она би го средила ова за 5 минути...” Така фантомската трудница станува древен мит во фирмата, нешто како Че Гевара или Јованка Орлеанка.
Ви звучи познато? Препознавате некого?