11 oдбранбени механизми на егото - што претставуваат и кога ги користиме?
6. Рационализација
На прво слушање, овој одбранбен механизам звучи како правдање на сопствените постапки со „факти“.
Често можеме да слушнеме некој кој вели: „Знам дека не требаше да го сторам тоа и тоа, но го сторив бидејќи...“
Тоа прави да сме комфорни со нашите одлуки или чувства иако на некое друго ниво знаеме дека тоа не е баш најисправно.
7. Сублимација
Ова е еден од ретките одбранбени механизми кои се сметаат за позитивна стратегија.
Слично како и поместувањето, и овој одбранбен механизам користи друг објект за „истурање“ на нашите чувства и емоции, со тоа што кај сублимацијата тоа се прави на помалку негативен или социјално поприфатлив начин.
Пример за сублимација е кога некој своите агресивни или негативни емоции ги вади така што тренира, боксува, ги канализира преку уметност, музика и сл.
8. Реакциона формација
Еден од најинтересните и најсекојдневните одбранбени механизми.
Колку пати некому сте му кажале „Добар ден, како сте?“ а всушност не можете да го поднесете? Колку пати сте се сложиле со некого за нешто, а притоа таа личност ве вади од такт?
Тоа е реакциона формација, односно кога се однесуваме спротивно на нашите инстинкти.
Ова се случува кај луѓе кои не сакаат да потиснуваат негативни емоции кон некоја личност па затоа се однесуваат претерано (и лажно) позитивно кон истата.
9. Пасивна агресија
Колку ли пати сме го виделе, слушнале или доживеале ова? Можеби и сториле.
Пасивната агресија е одбранбен механизам кој не заштитува нас од страв, болка, отфрлање, несигурност и ниска самодоверба.
Токму поради тие несигурности не сме во можност директно да се соочиме со изворот на негативните емоции, па затоа индиректно или пасивно го „возвраќаме ударот“.
Целта на пасивната агресија е преку манипулација да се сврти вниманието кон нас, ние да се покажеме како жртви и да се направи другите да се почувствуваат виновни за некои свои постапки, а притоа да не испадне дека ние сме имале некаква врска со тоа т.е. дека ние сме го побарале тоа од нив.
10. Фантазирање/Мечтаење
Сите знаеме дека умерена доза на фантазирање или мечтаење е здрава за секој од нас, бидејќи ни помага да се почувствуваме убаво или да решиме во својата глава некој конфликт кој нѐ мачи.
Но, доколку тоа се случува пречесто па скоро и секојдневно, треба да се запрашаме од што всушност ние сакаме да избегаме?
Што се случува во оваа реалност, а не можеме да го прифатиме, па затоа во нашите глави правиме некоја друга замислена реалност која подобро ни одговара и нѐ прави посигурни и посреќни?
11. Компензација
Кога неуспех на едно поле од животот го компензираме со преголемо постигнување на некои други полиња.
Примери од секојдневниот живот има многу, некои од нив се: луѓе што патуваат често, а всушност се плашат да останат на едно место бидејќи се осамени, луѓе кои имаат превисоки постигнувања на работното место, а брачниот живот им е во лоша состојба, луѓе кои премногу помагаат затоа што некогаш нешто лошо сториле во животот...
Фројд и ќерка му Ана навеле и многу други одбранбени механизми, меѓу кои, интересно, се наоѓаат алтруизмот - желбата да се помага на други, хуморот и инхибицијата/замената на цели во животот. Важно е да се напомене дека сѐ што е во претерана доза може да се смета за одбранбен механизам. Но, сѐ додека е умерено не претставува проблем за нашето ментално здравје.
Мила М. | Црнобело