Мнемонички техники - стратегии за подобро помнење

Мнемоничките техники се начини со кои можете подобро да ги сместите во меморијата податоците кои не сакате да ги заборавите и полесно да ги повикате кога ви се потребни. Името го добиваат од грчкиот збор мнеме што значи помнење или меморија.

Mnemonicki-tehniki-strategii-za-podobro-pomnenje-01.jpg

Тие се корисни за сите студенти кои подготвуваат испити или кога треба да запомните имиња, листи, броеви, формули или други информации кои немаат меѓусебна поврзаност.

Старите Грци ги користеле мнемоничките техники за помнење долги говори за јавни настапи, рецитирање поезија или едноставно, за вежбање на умот.

На пример, еден вид мнемоничка техника е помнењето кои месеци имаат 30, а кои 31 ден со броење на зглобовите и вдлабнатините на дланката почнувајќи од оној на малиот прст - секој зглоб претставува месец со 31 ден, а секоја вдлабнатина месец со 30 денови.

Овие техники функционираат по пат на асоцијации, односно новата информација се поврзува со нешто значајно или веќе сместено во долготрајната меморија.

Постојат многу видови на мнемонички техники, од кои ќе издвоиме неколку:

Музички

Со овој вид на техника, материјалот кој треба да се запомни се претвора во некаква песна или мелодија. Близок пример од нашето поднебје е пеењето на азбуката во емисијата „Бушава азбука“ со чија помош децата полесно ќе ја научат азбуката.

Акроним

Со оваа техника, од првата буква од секој збор што треба да се запомни се создава нов збор. На пример, ако одиме да пазариме и сакаме да ја запомниме целата листа на производи кои ни се потребни, доволно е да го запомниме само зборот ПРОЛЕТ: пиперки, ротквици, овесни снегулки, леб, тиква.

Визуелизација

Една од најкористените техники на старите Грци. При оваа техника се замислува куќа во која секоја соба и предметите кои се наоѓаат во неа се асоцираат со содржината која треба да се запомни.

На тој начин, доколку сакаме да се сетиме на нешто, доволно е само ментално да се прошетаме низ замислената куќа.

Смисловно поврзување во приказна

Доколку треба да запомните некоја листа од зборови кои меѓусебно не се поврзани, може да ги поврзете во некаква реченица или приказна.

Така, на пример, реченицата „Кучето носи цветен капут и зборува на телефон“ може да ја означува листата на обврски за тој ден: да купите храна за вашето куче, подарок букет за пријателката, да го однесете капутот на хемиско перење и да ја платите сметката за телефон.

Карактеристики на луѓе

Доколку сте од оние луѓе кои помнат само лица или само имиња, ова може да е супер решение за вас. Името на некој човек може да го поврзете со некоја негова впечатлива карактеристика или да направите рима од неговото име, како Ана - банана, Ѓоко со модрото око, Виктор пуцвал и слично.

Броеви преку реченица

Доколку треба да запомните некој долг број, тоа може да го направите на тој начин што ќе смислите реченица во која секој збор последователно ќе се состои од толку букви колку што изнесува соодветниот број.

На пример, ако треба да го запомните телефонскиот број 2232 628, може да го запомните преку реченицата „Ми се оди во Лондон на прошетка“.

А.Т. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Десет имиња за бебиња со библиска симболика Душан - Потекнува од зборот „душа“, а луѓето кои го носат ова име слават именден...
Никола, Снежана и уште 6 најпопуларни имиња за момчиња и девојчиња родени во декември Ако треба да станете родители во декември, а сè уште размислувате кое име да му ...
7 древни јапонски техники со кои најлесно ќе ја надминете мрзеливоста Каизен, Ваби-саби, Хара Хачи Бу... Дали сте слушнале за овие техники п...
Најубавите женски имиња инспирирани од цвеќиња (и нивното значење) За родителите од големо значење е на своето дете да му дадат име кое гордо ќе го...
15 фото-докази дека брадата е како шминка за мажите Ги крие несовршеностите на лицето и може целосно да го трансформира ликот – брад...
Работи кои НЕ треба да му ги кажете на некој кој тагува за смрт на сакана личност „Не грижи се, сега е на подобро место“ или „Немој да плачеш“ се фрази кои треба ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg