Лесни начини и навики со кои ќе помогнете во заштита на планетата
На глобално ниво, се случуваат протести низ повеќе градови во светот кои имаат за цел да повикаат на свесност за климатските промени и да извршат притисок врз светските влади на Самитот за климатска акција, кој ќе се одржи во декември годинава. Иако практиките на корпорациите имаат огромно влијание врз еколошката криза, еве неколку предлози кои секој од нас може да ги спроведе на индивидуално ниво.
Замени го автомобилот со велосипед или јавен превоз: Одамна ни е познато дека една од причините за загадувањето за воздухот се токму автомобилите и фосилните горива. Други алтернативи се споделување превоз или пешачење.
Летај само доколку е тоа неопходно: Иако ова е најбрзиот и најефикасниот начин на патување, сепак воздушниот транспорт испушта големи количини јаглерод диоксид во атмосферата.
Купувај локални производи: На овој начин, истовремено ја поддржуваш локалната економија и придонесуваш кон намалување на еколошкиот отисок кој е последица на загадувањето создадено при транспорт на продуктите од далечни дестинации.
Користи сопствена амбалажа: Рефус производите доаѓаат без пакување кое подоцна ќе заврши во отпад. Користи реупотребливо шише за вода.
Одбегнувај пластика за една употреба: Сè почесто ги гледаме грозоморните слики од океаните преполни со пластика, од која страдаат многу животински видови. Дали знаеш дека сета пластика произведена на светот сè уште постои? Неколку земји веќе преземаа мерки за забрана на пластиката за една употреба.
Носи своја торба: Пластичните ќеси траат многу кратко време, а истите не се разградливи. Со една платнена торба заштедуваш стотици пластични ќеси.
Поправај ги расипаните предмети: Брзиот начин на живот диктира темпо купи-фрли-купи. Но, со поправање им даваме нов живот на предметите, заштедуваме пари и истите не завршуваат во отпад!
Разменувај предмети: Непотребното за тебе можеби е богатство за друг. Употребливите нешта кои веќе не ти се потребни можат да најдат втор дом во замена за нешто што ти е потребно.
Облека од втора рака: За жал, голем дел од денешната облека се произведува од токсични и синтетички материјали кои исто така претставуваат опасност за животната средина. Наместо да завршат во отпад, облеката од втора рака може да заштеди дел од домашниот буџет и истовремено да најдеш нешто уникатно за себе.
Направи сам: Она што можеш, создади го сам/а. Истовремено создаваш уникатно дело и заштедуваш.
Зборувај на темата: Споделувај го своето знаење, искуство и практики со луѓето кои те опкружуваат.
Штеди енергија: Провери дали навистина ти се потребни сите вклучени светилки и уреди.
Штеди вода: Водата е еден од највредните ресурси со кои располагаме во ограничени количини. Туширај се пократко, сопри ја водата додека миеш заби, користи уреди кои заштедуваат вода, користи еколошки средства за перење и сл.
Органска храна: Пестицидите се отрови кои се користат при прскање на плодовите, а истовремено се шират преку почвата и ја загадуваат водата. Истражи го потеклото на твојата храна.
Одгледувај храна: Доколку си во можност, сам/а одгледувај храна. Истовремено го доживуваш терапевтскиот ефект и консумираш еколошки чиста храна, без разлика дали е на тераса или во двор.
Донирај храна: Вишокот на храна донирај го на социјално загрозени лица, наместо да завршат во отпад.
Компостирај: Компостот може да се прилагоди за секое домаќинство. Од една страна, се добива природно ѓубриво, од друга, се намалува органскиот отпад.
Селектирај отпад: Информирај се за видовите на отпад што се рециклираат во земјата и локациите на контејнерите за селектирање.
Избери стакло и конзерви наместо пластика: Овие два типа на амбалажа можат бесконечно да се рециклираат, додека некои типови пластика се рециклираат само неколку пати пред да станат комплетно неупотребливи.
Нова намена на стари предмети: Старите чизми претвори ги во саксии. Од скршените плочки направи мозаик. Можностите се неограничени.
Насади дрво: било каде, било кога.
Рециклирај го отпадното масло за јадење: Наместо да заврши во канализација, со што предизвикува потенцијална опасност за запушување, маслото од претходиот ручек донирај го на компанија која ќе го пренамени за гориво.
Стариот мебел подари го или реупотреби го. На старите фотелји дај им втор живот со модерен и воедно ретро изглед.
Волонтирај во организации кои се занимаваат со еколошки проблеми. Исчисти го маалото, кејот или соседниот парк.
Информирај се за локалните политики и учествувај во истите.
Подучи ги децата: последно, но најважно, зашто тие се лицето на иднината!
А. Т. | Црнобело