Лошо расположение и поспаност - Како полесно да се справите со есенската депресија на природен начин?
Студените и мрачни есенски денови кај многумина предизвикуваат нерасположение, поспаност и благо депресивно чувство, но затворањето дома и апчињата не се решение.
Сезонското нарушување на расположение е тип на депресија кој се појавува во одреден период од годината, а најмногу луѓе ја искусуваат во есенскиот период, кога времето нагло ќе се промени по летните денови.
Често лошо расположение, губење на апетит, недостаток на енергија, спиење подолго од потребното се дел од симптомите кои многумина ги искусуваат во овој период, а се поврзани со сезонското нарушување.
Сепак, доколку ситуацијата не е отидена предалеку, овие симптоми може да ги надминете на природен начин со неколку промени во животниот стил.
Што треба почесто да правите во периодот есен-зима за да не ви „падне“ расположението:
Природна светлина
Природната светлина е ограничена во текот на есенските и зимски месеци, но доколку ги имате горенаведените симптоми, мора да ја користите максимално.
За време на пауза, излегувајте надвор ако видите сонце, викендите користете ги за активности во природа каде може да „начекате“ природна светлина и не се затворајте дома.
Исто така, ако планирате патувања, може да размислувате за места каде е потопло во овие месеци за разлика од кај нас.
Вежбање
Активноста е неизбежен дел од секојдневието за посреќен и поздрав живот, па обидувајте се што почесто да практикувате вежбање и движење.
Вежбањето помага за ослободување на ендорфин, хормон што ја намалува болката и ја подобрува добросостојбата. Вежбањето исто така го подобрува и метаболизмот, што помага пак за подобрување на нивото на енергија.
Аеробик, пешачење и танцување се препорачани активности за луѓе кои патат од оваа состојба. Добро е да практикувате и јога и пливање, а некогаш е доволно и само истегнување.
Суплементи кои содржат витамин Д
Витаминот Д игра голема улога за генералната добросостојба, подобрување на имунитетот и доброто расположение, а со оглед на тоа што природната светлина во овие месеци е скратена на минимум, важно е да го надоместите недостатокот на овој витамин преку храна, но и дополнителни суплементи.
Храна богата со витамин Б
Б витаминот помага при процесите кои имаат директно влијание врз нивото на енергија, како и функцијата на мозокот, а е исклучително важен и за лачењето на серотонин – хормонот на среќата.
Затоа е неопходно во исхраната да вклучите намирници кои содржат повеќе витамин Б.
Омега 3
Истражувањата покажуваат дека масните киселини се корисни при третирање блага депресија, па во исхраната може почесто да вклучувате риба како лосос и туна, исто како и јаткасти плодови и семиња.
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com