Симболика на змејови и змии во различни култури
Змејовите се чести мотиви во митовите и легендите на старите култури. Обично се прикажани како суштества што наликуваат на змии или влекачи, со издолжени тела и големи крилја и многу често блујат оган. Тие претставуваат одредени квалитети и моќи, што човекот мора да ги изрази, одредени искушенија или ограничувања, што треба да се надминат.
Во западните култури, змејот има генерално негативно значење, како застрашувачко чудовиште и симбол на злото, додека на исток е симбол на моќ, сила и промена.
Змејот е подземно, водно и небесно животно. Тесно е поврзан со змијата, а има и слична симболика. Како унија на змија и птица, змејот претставува врска помеѓу небото и земјата.
Во многу традиции, како што се тибетанската и индиската, змиите наречени Нага претставуваат просветлени суштества.
Во многу митови, легенди и бајки, среќаваме херој кој се бори со змејот. Тој мора да го порази за да стигне до огромното богатство кое го чува змејот, било да се работи за злато или бисери.
Ова богатство го претставува вистинското знаење, светлото на мудроста кое го осветлува значењето на животот.
Змејот во кинеската култура
Змејот е како симбол сеприсутен во кинеската традиција и култура. Кинезите често се нарекуваат и потомците на змејот. Тој е симбол на владетелот и ги претставува функциите на владетелот, кои обезбедуваат ред и праведен социјален поредок.
Поврзан е со термините Тао, Чи и Фенг-шуи.
Змејот е, исто така, главен актер во кинеската космогонија. Креаторот на космосот - Пан Ку, е претставен како џуџе со два рога или со глава на змеј и тело на змија. Змејот се поврзува и со симболот јин и јанг.
Змијата во културата на Централна Америка
Змијата е чест симбол во митовите на Централна Америка. Така е Астечкиот бог, Quetzalcoatl, претставен како змија со пердуви, која симболизира две моќи: моќ на материја (змија) и моќ на духот (птица).
Змијата е симбол за надминување на ограничувањата на материјата, видливиот свет, трансформацијата или отфрлањето на старата кожа. Отфрлајќи го старото и потрошеното, создаваме услови за нешто ново.
Во наследството на Маите, Толтеците, Ацтеките и другите народи од оваа област, можеме да пронајдеме перната змија со човечка глава, која излегува од нејзината уста.
Ова е поврзано со будење или раѓање на новиот живот, новото постоење, како резултат на трансформација или минување на душата низ темнината материја.
Змеј во Индија
Како и во словенската митологија, индиската митологија зборува за битката помеѓу богот на громот Индра и демонот, односно змејот Вритра.
Змеј во словенската митологија
Словенската митологија зборува за вечната борба помеѓу богот на громот, Перун, и богот на природата, Велес. На врвот на дрвото на светот е Перун, а во подземниот дел, меѓу корените, е Велес, во форма на змеј, змија или видра.
Велес, како сила на подземјето и темнината, постојано го предизвикува Перун на дуел. Оваа борба, која се повторува секоја година, ја симболизира цикличноста на животот.
Змијата во египетската митологија
Египетското божество, Апофис или Апеп, е прикажано како змија. Тој е симбол на темнината и хаосот и е спротивност на богот на сонцето Ра, креаторот.
За време на дванаесетте дневни часови, откако ќе излезе сонцето, Ра патува по небото со својот брод Мањет. За време на дванаесет ноќни часови, Ра патува со бродот наречен Месектет.
Апеп, кој живее во длабочините на Нил, се обидува да го проголта бродот на Ра. Ра секогаш победува и се појавува секое утро како новородено Сонце.
Змејот во Вавилон и Месопотамија
Врховно вавилонско божество е Мардук, победникот над хаосот, змијата Тиамат. Неговиот симбол е змеј со рогови.
Ашера | Црнобело