Трикови за самоодбрана кои повеќе може да ви наштетат, отколку да ви помогнат
Дали некогаш ви се случило да се движите по улица навечер и да се чувствувате непријатно и исплашено заради околината, шушкањата или некој кој ве демне?
Иако никој не посакува да се случи нешто такво, сепак треба да бидете подготвени за ситуациите кога непријатното чувство може да се претвори во кошмар.
Важно е да знаете како да изреагирате во различни ситуации и како да се одбраните ако некој ве нападне.
Постојат многу трикови кои може да бидат корисни за тие ситуации, но помеѓу нив се наоѓаат и такви кои всушност во реалноста повеќе може да ви наштетат отколку да ви помогнат.
Што треба, а што не треба да правите во ситуации на самоодбрана?
Бегање од напаѓач
Бегањето од напаѓачот не е секогаш добра идеја:
- Напаѓачот може да е побрз од вас, а вашето бегање може да го направи уште побесен и нетрпелив, па за пократко време ќе бидете во поголема опасност
- Предвидете дали сте доволно издржливи за долго трчање, зависно од тоа колку треба за да излезете на видно место, како и дали ќе имате сила да се борите ако има потреба
- Немате прегледност што се случува позади вас, ако се вртите, тоа ќе ве успори, а грбот ви е изложен во случај напаѓачот да има оружје
- И покрај ова, сепак трчањето е најдобра опција во многу ситуации, но обидете се да останете фокусирани и да трчате кон отворено место, а не да завлегувате во поскриени места
Обид за вразумување на напаѓачот
Можеби мислите дека разговорот со напаѓачот може да спречи ескалирање на ситуацијата, но тоа може да ви ги зголеми шансите да бидете нападнати.
Гледање боречки зафати онлајн
Иако има добри видеа и туторијали кои може да ви покажат основни зафати за самоодбрана, сепак не треба да се обидувате да ги изведувате првпат во таква ситуација.
Ќе се чувствувате самоуверено дека сте подготвени да возвратите удар, но тоа може да доведе до посериозни проблеми, па затоа подобро запишете се на некоја боречка вештина за да бидете физички подготвени.
Избегнување контакт со очи
Можеби некогаш ќе слушнете дека треба да избегнувате контакт со очи со напаѓачот бидејќи тоа може да го предизвика повеќе и ситуацијата ќе ескалира.
Иако во некои ситуации можеби е така, сепак доколку напаѓачот не е многу моќен, со поглед во очи може да покажете дека сте самоуверени и не се плашите, а напротив, тоа може да го исплаши него и да се откаже од намерата.
Удар во пределот на машкиот полов орган
Иако предизвикува голема болка и имате време да избегате, сепак доколку не успеете да удрите доволно силно, тоа нема да го спречи напаѓачот да ве брка и уште поразлутено да ве нападне.
Исто така, доколку за време на ударот успее да ве спречи да го направите тоа, она што следи нема да биде добро...
Затоа, правете го тоа доколку сте сигурни дека е добар момент и ќе успеете доволно да го повредите.
Преправање дека зборувате на телефон
Ова е уште еден трик кој ви дава чувство на сигурност, но ве прави понебезбедни.
Иако вие мислите дека кога напаѓачот ќе види дека наводно зборувате на телефон тоа ќе го исплаши бидејќи има сведок, всушност, тоа може да му остави впечаток дека не сте фокусирани на околината туку на разговорот, па ќе бидете лесна мета за кражба и слично.
M. M. | Црнобело