Што е гениј и можат ли само научниците да бидат генијалци?
Поимот „гениј“ е еден од најфлексибилните поими во историјата. Неговото значење се менувало во зависност од времето кога било искористено, но суштина секогаш била непроменета.
Гениј никогаш не бил синоним за просечност, тој секогаш означувал извонредност. Гениј како термин постои уште од времето на стариот Рим. Етимологијата на овој поим е поврзана со латинскиот термин genius - дух кој го штити детето во текот на животот.
Извонредните дела, што човекот би ги направил за време на неговиот живот, се припишувале на неговиот добар однос со неговиот дух, гениус. Придонесување жртва на гениусот се одржало до ден-денес. Еднаш годишно човекот ја придонесува својата жртва на гениусот преку роденденска торта. Обичајот на роденденски прослави е инспириран од римскиот обичај на прославување на генијот.
Понатаму во историјата терминот гениј почна да ги означува инспирациите и талентите, така што денес поимот гениј би го означувал поединецот кој поседува извонредни и неспоредливи таленти и способности во одредена дисциплина.
Денес постои дури и дефиниција за гениј. Имено, за гениј се смета личност со исклучително висок IQ (обично над 140).
Сепак, поимот генијалец денес најчесто се користи да ги опише научниците кои оствариле големи пронајдоци. Ова разбирање на генијот денес е сосема очекувано, со оглед на тоа што во модерниот свет се придава посебно значење на научните дисциплини.
Кант, еден од најистакнатите филозофи на просветителството, сметал дека гениј може да биде исклучиво уметникот, не и научникот.
Според Кант, уметникот има предност пред научникот да се нарече гениј поради еден посебен момент - неспособноста на уметникот да го објасни начинот и причината за создавањето на уметничкото дело.
Целата уметност би можела да се карактеризира како чин на инспирација, додека научниците го немаат овој момент. Тука настанува таа суштинска разлика помеѓу уметникот и научникот.
Имено, научникот треба да ги објасни своите методи преку некоја теорија или пронајдок, инаку неговото истражување нема да има солидна основа, т.е. нема да биде докажано, а доказите ја градат целата наука.
Кант сметал дека генијот создава како природата, што значи дека постои одредена споредба во создавањето на природата и уметникот, во смисла дека двата начини на создавање се необјасниви.
Природата, како и уметникот, создаваат според сопствени правила кои не се точно утврдени, а понекогаш се и неразбирливи.
Многу работи во Кантовиот концепт на гениј се нецелосни и неопределени, токму затоа се неговите теории сè уште интересни за современата естетика, а Кант е неисцрпен извор на естетски дискусии.
Ашера | Црнобело