Џинови и оригиналната верзија на приказната за Аладин
Точното потекло на верување во натприродни суштества познати како Џинови, како ни етимологијата на нивното име, не е целосно решено.
Џиновите се денес, благодарение на поп-културата (особено цртаниот филм Аладин), познати како „духови од магичната ламба“. Но во оригиналните верувања ретко се поврзувале со предмети како ламби, иако обично живееле во мали и темни места.
Зборот џин е, всушност, арапска збирна именка која означуваа цела категорија на натприродни суштества од источниот фолклор, а еднина на овие именки е џини. Една од лингвистичките претпоставки е дека арапската форма на овој збор потекнува од коренот „Jnn“, што означува нешто „скриено“. Така името џин може да се преведе како „невидливо, скриено суштество", што во принцип соодветствува на нивните особини.
За какви суштества станува збор и од каде потекнуваат?
Генерално, повеќето џинови се поврзуваат со пред-исламските арапски верувања, како и со исламот, но постојат индиции дека концептот за џинот потекнува од индо-европски пагански верувања.
Во старите традиции на Арапскиот полуостров постоело верување во џинови како суштества со натприродни моќи. Овие суштества не можеле да се поистоветат со боговите, бидејќи не биле бесмртни. Почесто се поистоветувале со демони или ангели, бидејќи џинот, по природа, можел да биде добар или лош.
Во предисламска Персија се нарекувале зли духови кои живееле во осамени, темни и нечисти места, а можеле да бидат во форма на различни животни. Овие суштества можеле да влијаат на луѓето позитивно или негативно. Џиновите биле способни да предизвикаат разни физички и ментални болести.
Во исламската традиција се споменуваат како уште една божествена креација. Тие биле создадени од „оган без чад“, пред луѓето, но по ангелите. Тие имале и човечки потреби, како што се јадење, пиење и репродукција. Луѓето можеле да го видат џинот во вид на сенка на ѕидот, како животно, чад и антропоморфно суштество со човечки и животински телесни карактеристики.
Иако биле многу посилни и побрзи од луѓето, тие не биле бесмртни.
Постои теорија според која исламот, за време на неговото проширување, преземал многу фолклорни суштества и помали божества од другите традиции. Можеби на овој начин биле создадени приказните за џиновите.
Во другите фолклорни традиции, верувањето во џиновите варира. На пример, во Мароко постои верување дека џиновите можат да ги опседнат човечките суштества. Во некои делови на Пакистан, џиновите имаат голема сила и многу човечки особини. Исто така се споменува нивната навика да јадат коски и гнило месо.
За популаризација на џиновите е заслужна големата колекција на источни фолклорни приказни наречени „1001 ноќ“. Во оваа масовна колекција на исламскиот фолклор, која стана популарна низ цела Европа во 18 и 19 век, постојат неколку приказни во кои џиновите ја играат клучната улога.
Најпозната од овие приказни е приказната за Аладин и чудесната ламба. Оваа приказна не била дел од оригиналната колекција, туку била додадена во 18-от век од францускиот преведувач Антоан Галанд. Тој тврдел дека приказната ја презел од сирискиот раскажувач Дијаб.
Постојат многу сличности и разлики помеѓу денешната приказна за Аладин и онаа од 18-от век. На пример, дејствието не се случува во Багдад, туку во Кина, каде што лошиот волшебник ќе го измами Аладин за да ја пронајде магичната ламба, преправајќи се дека му е покоен татко.
Волшебникот на Аладин му дава волшебен прстен и го испраќа во магичната пештера за да ја земе волшебната ламба. Откако Аладин ќе ја пронајде ламбата останува заробен во пештерата. Потоа случајно го трие магичниот прстен од кој излегува џин кој го ослободува од пештерата.
По враќањето на Аладин, неговата мајка ја трие магичната ламба од која излегува нов, уште помоќен џин. Со негова помош Аладин добива богатство, се жени со ќерката на царот и гради раскошна палата.
Ашера | Црнобело
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_108273_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113376_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_115021_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113659_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_109109_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114992_400.jpg)