Приказната за Алан Форд - легендарниот стрип за чудната група на тајни агенти
Ретко кој денес чита стрипови, особено во времето кога Марвел и DC веќе се погрижија да ги екранизираат сите суперхерои. Денешните деца своите денови ги поминуваат пред ТВ екраните или на телефоните.
Доколку меѓу помладите генерации некој и чита стрипови, веројатно ги бираат шарените и атрактивните X-Men или Спајдермен.
Времињата во кои најголемата забава беше да се земе во рака црно-белиот стрип како Загор, Блек, Дилан Дог, Мистер Но, Командант Марк останаа далеку зад нас.
Доколку ги прашате постарите генерации кој стрип им остави најголем впечаток, веројатно ќе го слушнете името - Алан Форд, легендарниот стрип за чудната група на тајни агенти.
Во 60-тите години на минатиот век светот беше луд по тајните агенти. Тоа беше златното доба на најпознатиот таен агент на сите времиња, Џејмс Бонд. Но, тајните агенти не биле резервирани само за големиот екран, туку ги полнеа и страниците на стриповите.
Инспирирани од глобалниот успех, лидерите на италијанската издавачка куќа Editoriale Corno во 1963 објавил тендер за цртачи на новиот стрип наречен „Криминал“. Избрани се двајца мажи, Роберто Равиола и Лучијано Сечи.
Никој тогаш не знаел дека токму тука се создаде партнерството кое ќе го одбележи светот на стриповите. Двајцата Италијанци подоцна ќе станат познати како Магнус и Бункер.
Во 1967 година се роди идеја за создавање на пародија на тајните агенти, нешто што никогаш претходно не било направено. Ова бил пионерски обид за кој ни самите автори, Магнус и Бункер, не биле сигурни дали да го започнат.
Во август 1967 година, една и пол година пред објавувањето на првото издание, Макс Бункер му го покажа сценариото за првиот број на стрипот на својот партнер. Избрано е името Алан Форд, кое требало да звучи исто на сите јазици на светот.
Карактерот на Алан Форд е создаден според познатиот актер Питер О’Тул, додека ликот на Боб Рок бил создаден според ликот на Магнус.
Алан Форд е висок и прилично добродушен агент кој секогаш се впушта во неволја. За разлика од вистинските агенти кои користат многу оружја и гаџети, Алан ретко го добива пиштолот. Но, и кога го има пиштолот не го употребува, бидејќи куршумите се скапи.
Боб Рок е агент искомплексиран со својата висина и големина на носот. Тој е најсаркастичен лик во стрипот, а покрај неговата раздразливост, редовно е најхрабриот агент кој не бега од акција.
Посебна приказна е лидерот на групата ТНТ - Број 1. Стар параплегичар во дрвена количка кој своите членови, наместо со пари ги наградува со бескрајни приказни за историјата.
Најверојатно најомилениот лик во стрипот е Сер Оливер, британскиот благородник кој не се откажува од кражби. Шефот и Еремија сочинуваат посебна двојка која ги поминува деновите во цвеќарницата. Шефот е мрзливо суштество кое го поминува времето во расправија со хипохондарот Еремија кој „страда“ од сите познати и непознати болести.
Генијалниот стрип Алан Форд и денес ги воодушевува читателите со својот хумор и сатира.
Ашера | Црнобело