Кинескиот змеј - природата на духот, духот на природата
Живееме во ерата на интернетот, научните и технолошките чуда во светот чии тајни се навидум откриени. Сепак, сè уште се фасцинираме од фантастичните суштества, митови и легенди, меѓу кои посебно место го имаат змејовите. Нивното присуство го наоѓаме во книги, компјутерски игри и филмови.
Развојот на компјутерската анимација им овозможи на овие мистични суштества да летаат низ небото, да ги чуваат своите богатства и да се борат со храбрите херои. Додека западните култури во змејот гледаат страшно чудовиште, симбол на зли и мрачни аспирации, на исток, тој има многу позитивно значење.
И покрај тоа што го наоѓаме во скоро сите култури, змејот е најмногу присутен во кинеската традиција, историја и култура. Самите Кинези со гордост се нарекуваат „Lung Tik Ch’uan Jen“ – потомците на змејот.
Тој е неизбежен во фенг шуи, во сликарството и архитектурата, како чувар на портите и влезовите во храмовите, додека е во народните традиции заштитник и добродетел.
Како митолошко битие, кинескиот змеј обично се појавува како голем и моќен рептил со рогови, најмногу сличен на змија или крокодил. Има кратки нозе, а понекогаш и крилја и долго, лушпесто тело.
Во кинеската космогонија креаторот на космосот се нарекува „P’an Ku“, џуџе со два рога, глава на змеј и тело на змија. Според една верзија на приказната тој е „предвесник на небото и земјата“, а според другата е потомок на дуалната сила на природата, јин и јанг.
Истовремено, подземниот, водениот и небесниот змеј ги обединува различните сили. Како змија со крилја е симбол на божественото. Како владетел на водите го претставува јин, земниот, женскиот, пасивниот принцип, додека како господар на громот и дождот го претставува јанг, небесното, машкото, активното начело.
Симбол е на креативниот принцип, божествената моќ и духовниот ентузијазам. Поради ова змејот е и симболот на владетелите во Кина. Највисоката почесна титула за царот беше „Вистинскиот змеј“. Се веруваше дека змејот се појавува на небото пред раѓањето на големите мудреци.
Денес, кога се губи најголемиот дел од длабоката симболика поврзана со змејот, змејот останува во кинеската колективна свест како симбол на небесна заштита, изобилство и благосостојба. Како таков е неизбежен за време на традиционалните свечености, особено кинеската новогодишна прослава.
Ашера | Црнобело