Какви критериуми требало да исполнуваат актерките во златната ера на Холивуд?
Што е гламур? Може ли овој концепт да се сфати одделно од начинот на животот и, на крајот на краиштата, што останува од гламурот кога ќе го одвоиме од блескавиот начин на живот на елитните холивудски ѕвезди? Како и кога гламурот почна да се поврзува со Холивуд и неговата златна ера?
Појавата и експанзијата на гламурот, во модерна смисла на зборот, кој е поврзан со екстравагантниот стил на живот, се поврзува со златната ера на Холивуд, која започна во триесеттите и четириесеттите години од дваесеттиот век.
Се чини дека филмската индустрија во тоа време имала сè, за сечиј вкус по нешто.
Оваа мешавина на разновидност, начинот на живот на повисоките класи и културата базирана на спектакл, биле добитна комбинација.
Со порастот на мас-медиумите, на прво место филмот и печатот, а потоа и фотографиите, Холивуд почнал да се меша во секојдневниот живот. Поради ова, филмските ѕвезди веќе не биле луѓе, туку слики, производи, како скап миксер или нов автомобил, чија примарна цел била да создадат нов стил на живот.
Талентот за глума не бил потребен, единственото нешто што било важно е „глумиците“ да бидат млади и убави, а убавината можела лесно да се постигне со шминка.
Како се создавала една ѕвезда? Многу лесно.
На прво место, нивната тежина била строго следена. Младите актерки биле подложени на ригорозни диети, веднаш по пристигнувањето во филмското студио.
Вишокот килограми изгледал лошо на екранот, како и лице без истакнати образи, кое се сметало за нефотогенично. Косата и забите биле коригирани веднаш, а козметичката хирургија се применувала по потреба.
Дури и машките ѕвезди биле создадени на ист начин.
Меѓутоа, ѕвездата не била ѕвезда ако немале свој ореол на луксуз, што се одразувало во нивниот начин на живот.
Како што се развивало потрошувачкото општество, предводено од консумеризам и материјализам, филмските ѕвезди станале богаташи. Иако било невозможно да се достигне Париз, што се однесува до модата, Холивуд успеа опасно да му се доближи со своите костими.
Се користеле материјали со кои би се нагласиле доблестите (и би се сокриеле недостатоците) на женското тело.
Самата облека била адаптирана да изгледа совршено на екранот, со боите, текстурите и ефектите кои ги предизвикува.
Актерките не пиеле, не пушеле, немале деца, а секоја од безбројните романтични врски за нив била судбоносна.
Како што ништо не трае вечно, така и златната ера на Холивуд не траеше засекогаш. Во 1950-тите години, елегантната и недопирливата ѕвезда од тронот ја трга „пин-ап“ девојката.
Златното доба исчезна со доаѓањето на телевизијата, со што се намали бројот на посетителите на кината.
Последниот здив на мегаломанската индустрија на златниот Холивуд беше екстатичен, а се викаше Мерилин Монро. Она што Монро ја издвојуваше од претходните ѕвезди беше сексапилот.
Таа беше последната ѕвезда од минатото, но исто така и првата ѕвезда надвор од ѕвездениот систем.
Со нејзината смрт и со сите клишеа што ги застапуваше, умре и златната ера на Холивуд.
Ашера | Црнобело