Како да ги препознаеме и запреме сопствените токсични однесувања?
Постојат многу статии и упатства исполнети со совети за тоа како да се ослободите од токсичните личности околу себе, но што станува со сопствените токсични однесувања?
Навистина, еден од чекорите кон посреќен живот е ослободувањето од луѓето кои ве преполнуваат со нервоза, тага и бес. Сепак, ретко ни текнува дека некогаш треба да тргнеме од себе, за да можеме успешно да се носиме со остатокот од светот.
Добрата вест е што потребно е само да се сконцентрираме малку повеќе на себе и полесно ќе ги препознаеме сите овие замки кои самите си ги поставуваме.
Прочитајте како можете да го направите тоа:
1. Често сте саркастични
Паметни сте, остроумни и имате смисла за хумор? Зошто тогаш да го трошите сето тоа на сарказам? Иако некогаш, во одредени ситуации смеете да си дозволите да бидете саркастични, во поголемиот дел од времето избегнувајте го сето тоа. Во очите на другите ќе бидете само негативна личност која едвај чека нешто да тргне на лошо за да може гласно да коментира.
Затоа, во овој случај важи златното правило - пред што било да изговорите, поврзете ги јазикот и мозокот.
2. Ги заобиколувате конфилктите, наместо да ги решавате
Некогаш е паметно да се премолчи, но најчесто е уште попаметно да се соочите со конфликтот. Потребно е само правилно да ја процените ситуацијата и да одлучите дали да заобиколите или да го решите проблемот. Некогаш, премолчените работи може да бидат причина за натамошна агресивност, бес, тврдоглавост и потиштеност.
3. Во сè се натпреварувате
Некои нешта во животот се натпревар, но не сите. Кога запознавате личност, треба да ѝ пристапите со пријателство и емпатија, наместо со компетитивност. Затоа, наместо во сè да гледате натпревар за условна превласт над нешто, бидете оние кои ќе иницираат соработка.
4. Сè „вртите“ на шега
Сите во животот сме запознале некој кој се шегува дури и со најсериозните и најтажните нешта кои му се случуваат на некој друг. Ваквото однесување може да отвори емоционални рани кај другите и затоа морате да го контролирате. Супер е што можете да се шегувате, но кога нешто е сериозно, воздржете се од тоа.
5. Сакате да ги поправате нештата
Можеби сте паметни, квалификувани, мудри и интелигентни, но тоа не значи дека треба да ги поправате луѓето и нештата. Вашите квалитети користете ги само за да се „поправите“ себе кога тоа е потребно. За другите нешта, како што се работата, проектите во кои учествувате и луѓето со кои се дружите или сте во некаков однос, потребно е „поправањето“ да се одвива заеднички, а не еднострано.
6. Потајно сакате сожалување од другите
На сите ни годи вниманието што го добиваме во моменти кога нешто не ни оди или кога минуваме низ некој бродолом. Многу токсично за вас самите е кога замислувате дека нешто лошо ви се случува, само за да може да добиете малку повеќе внимание од другите. Сепак, навистина би било подобро да споделувате и среќа и радосни моменти, наместо само да се жалите на пријателите.
Е. Д. | Црнобело