Тату-трендови кои најмногу ги иритираат тату-артистите
Одлуката за тетоважа е за цел живот и треба точно да знаете што сакате од вашиот артист.
Понекогаш желбата за тетоважа кај некои луѓе е преголема што воопшто не размислуваат што сакаат да стават на своето тело. Така, тие потпаѓаат под актуелните трендови.
Според тату-уметниците, не секој тренд значи дека е добар избор. Поради тоа, тие некогаш одбиваат клиент или работат без елан и мотивација, особено кога муштеријата не сака да ги послуша нивните совети.
Еве околу што се согласуваат голем број тату-мајстори, кога се во прашање трендовите:
Белото мастило
Белите тетоважи изгледаат различно и интересно, но не се за секој тен. Исто така, белите тетоважи брзо избледуваат. Мајсторите, всушност, ја користат оваа боја за нијансирање.
Привремените тетоважи
Едноставно, тие сакаат да создаваат трајни дела, наместо нешто што се брише за неколку дена. Привремените тетоважи се сосема спротивни на нивните уметнички вредности и таквото барање го сметаат за непочитување.
Копии на веќе изработени тетоважи
Интетнетот ни нуди безброј идеи, а многу е веројатно дека ќе најдете нешто што многу ви се допаѓа и ќе сакате да го имате за себе. Но, имајте на ум дека вистинскиот тату-артист ќе ја искористи скицата како инспирација и дека ќе претпочита да создаде свое лично дело, наместо да копира.
Име на партнерот
Тие веруваат дека љубовта е прекрасна, но сметаат дека има многу подобри начини од покажување приврзаност, отколку испишување на името на партнерот на дел од телото.
Тетоважи на дланки или на стапала
Секако, добар артист нема да ја одбие вашата желба, но добро е да знаете дека овие делови од телото се изложени на повеќе влажност, пот и други надворешни фактори и лесно може да избледат дури и само неколку недели откако се направени.
Трендови во дизајнот
Некогаш било интересно да се тетовираат трајбл-дизајни, пеперутки, знак за бесконечност, кинески букви, хороскопски знаци и други „дифолтни“ тетоважи. Подоцна, истите клиенти доаѓаат со желба да се модифицира или прикрие местото со нова тетоважа. Тату-артистите повеќе ценат кога тетоважата има приказна и е посебна за оној кој ја носи, наместо да е „наметната“ од тренд.
Е. Д. | Црнобело