Бон тон правила кои треба задолжително да ги почитувате при патување
Дали и вас ве нервираат оние луѓе кои го бараат пасошот кога веќе ќе дојде нивниот ред на шалтерот на аеродромот? Или пак оние на кои постојано им ѕвони телефонот во автобусот?
Секое дете од мало се воспитува дека треба да им отстапува место на постарите луѓе при возење со јавен превоз, да не прави врева и да го почитува приватниот простор на другите луѓе.
Но, многумина како растат забораваат што ги учеле како мали. И не дека ќе добиете некоја казна ако некултурно се однесувате во вакви ситуации, но навистина нема потреба луѓето да ве гледаат на косо и да се чудат на вашата некултура.
Некои бон тон правила при патување со јавен превоз мора да ги почитувате:
Не доцнете
Ова особено се однесува на видовите транспорт, при кои е неопходна проверка на документите како што се возови, аеродроми, интернационални автобуски линии.
Однапред подгответе ги потребните документи за пред шалтерот да не бидете во хаос од типот каде ми пасошот, осигурувањето и што уште не. На аеродром однапред извадете ги часовникот, очилата за сонце и работите кои треба да бидат дел од вашиот рачен багаж.
Подгответе ги работите што ви се потребни за патувањето однапред
Без разлика дали станува збор за билети, слушалки за музика, грицки или книги, сè што ви е потребно земете си кај себе за да не ги станувате патниците околу вас за време на патувањето и да се туркате за да ги извадите од куферот.
Не заборавајте дека и другите патници имаат лични предмети
Ако имате повеќе куфери со вас, наместете ги така што ќе зафаќаат најмалку можно место. Ова особено важи за долгите патувања, кога сигурно и другите патници носат многу багаж со себе.
Ако нема доволно место, ставете дел од вашиот багаж и под седиштето.
Понудете им помош околу багажот на послабите од вас
Ако гледате дека некое дете, бремена жена или стар човек се мачи со носењето на куферите, љубезно е да им понудите помош со багажот.
На овој начин не само што ќе бидете хумани, туку и ќе го намалите времето на влегување на патниците, а со тоа и поаѓање.
Не се шминкајте и чешлајте за време на патувањето
Некои девојки како да сакаат да заштедат на време и за работа се подготвуваат во автобус.
Во ред е нaбрзина да се исчешлате, да ставите кармин и парфем во автомобилот додека партнерот ве носи накај работа, но не е во ред тоа да го правите во јавно превозно средство, каде им пречите на десетици други луѓе со однесувањето.
Пред да помогнете на човек со ограничени физички способности, прашајте го дали сака
Во ред е да бидете хумани, но некои луѓе со ограничени физички способности понекогаш подобро се чувствуваат кога се снаоѓаат сами, отколку да се предадат во рацете на тотален странец. Затоа пред да се одлучите да помогнете некому, прво прашајте го дали има потреба од тоа.
Размислете за можностите на вашето дете
Во ред е ако имате бебе или мало дете и го држите во раце, но вашето 12-годишно дете навистина нема потреба да ви седи во скут.
Тоа веќе е доволно старо и паметно за да знае како да се држи додека се вози со јавен превоз и како да се однесува културно.