Зошто никогаш не ни се доволни парите што ги имаме?
Колку и да заработуваме, секогаш мислиме дека сакаме, можеме и заслужуваме да имаме повеќе пари.
Парите не се клучот на среќата, но ни се неопходни за живот. Но, дали да се задоволиме со сумата што ја имаме или да целиме повисоко?
Двете опции доаѓаат со своја цена. Некои истражувања велат дека дури и да заработуваме двојно повеќе, ако не сме среќни дотогаш, нема да бидеме ниту потоа.
Од друга страна, ваквото сознание никогаш не натерало некој да се откаже од својата намера да има повеќе пари, дури и ако треба да работи многу часови преку денот за да ја заработи саканата сума.
Но, она што останува како универзална вистина е дека парите не ги бришат реалните проблеми кои ги имаме. Напротив, можат уште повеќе да ги потенцираат, особено кај личности кои мислеле дека поголемата заработка им е најголем проблем.
Реалноста е дека, доколку умеете добро да ги испланирате своите пари, ќе сфатите дека не ви е потребно мало богатство секој месец за да може да ви биде убаво во животот.
За да постигнете среќа во животот, најпрво треба да сте емоционално слободни. Вашата жед за пари доаѓа од потребата да имате што повеќе и да можете да си дозволувате нешта што некогаш не сте можеле. Тоа е маѓепсан круг, на некој начин практично сте и зависни од трошењето на парите. Но, тоа ве прави заробеник на финансиите.
Затоа, наместо да собирате што повеќе пари, обидете се да се ослободите од емоционалниот товар. Многу нешта ќе се решат сами од себе, меѓу кои и вашата претстава за парите.
Е. Д. | Црнобело