Три прашања чии одговори ќе ве направат посилна личност
Единствените релевантни одговори на нашите прашања не се оние кои ги добиваме од другите, туку оние кои ќе успееме самите да си ги одговориме.
Всушност, прашањата кои си ги поставуваме себе на дневна основа одредуваат каква личност ќе бидеме на подолг план.
Со помош на следниве три прашања ќе успеете да си дадете многу одговори за себе, но очекувајте дека некои ќе ве изненадат и вас самите.
1. Кога би имале пријател кој зборува со вас на ист начин како што вие зборувате со себе, колку долго би му дозволиле да ви биде пријател?
Начинот на кој постапувате кон себе е основа за тоа како ќе постапите и со другите. Ако вие самите го сакате она што сте, тоа ќе го прават и останатите. Односно, постапувајте со себе онака како што би сакале и другите да постапуваат со вас. Научете да бидете својот најдобар пријател и не дозволувајте негативни енергии да дефинираат кои сте вие.
Набљудувајте се себе, анализирајте ги своите мисли и научете го вистинскиот начин како да размислувате за себе. Секој човек дневно „троши“ по 60.000 мисли, но никако не смее тие да бидат посветени на нешто лошо и негативно.
2. Ако денес ви е последен ден од животот, би го правеле ли она што испланиравте да го направите?
За ова прашање ви е потребно повеќе време да размислите, но доколку во кој било момент дојдете до одговот „не“, тогаш бидете сигурни дека е време за промена.
Оваа тема е една од најинтересните на кои можеме да разговараме со себе. Бидете свесни дека животот е со ограничен рок и дека секој ден треба да ви биде исполнет со позитивни мисли и со љубовта на блиските. Секогаш кога ќе излезете од рамнотежа, најдете начин да се вратите во реалноста и да го прифатите светот каков што е.
Одговорот на ова прашање неизбежно ќе ве одведе до мислите за смртта, кои не треба да ги игнорирате, но не треба ни да се плашите од нив. Ја имате сегашноста и направете ја вредна за живеење и памтење. Не дозволувајте помислата на трајноста на животот да ве ограничи во она што сакате да го направите.
Работете на своите таленти, најдете љубов, почитувајте ги страстите. Не дозволувајте да ви помине ден без да направите нешто што ве исполнува, дури и ако имате премалку слободно време за тоа.
3. Што е она за кое упорно се држите, а треба да го пуштите?
Тука може да се работи за некоја личност, навика или лично верување. Како растете и созревате, така треба да го прилагодувате животниот стил. Луѓето кои се околу вас веќе одамна не гледаат на животот како што го гледале пред 10 години, па така треба и вие да измените нешто.
Не грижете се, убавите спомени се она што засекогаш ќе ви остане, но не треба да живеете во минатото, ниту да бидете тажни што нешто што сте го имале веќе не припаѓа на вашата сегашност.
Да се продолжи понатаму не значи да се избрише сето она што е зад вас, туку да се искористи тоа за да ве направи подобра личност која умее да се снајде во животот, но и да го живее со полни гради.
Не заборавајте дека сè околу вас е променливо и не можете да очекувате константност од никого, па дури ни од себе.
Е. Д. | Црнобело