Колку денови треба да трае одморот за вистински да се рестартирате?
Додека за едни вистински одмор е патувањето во летувалиштата покрај море, други повеќе сакаат да поминуваат време со семејството и блиските, а трети, пак, да заминат во некоја далечна дестинација.
Науката стои зад тоа дека секогаш е важно и здраво да се направи пауза од работата, со целосно исклучување на секојдневните обврски, службениот телефонски број и работната мејл адреса. Воопшто не е важно дали ова го правите од дворот на вашата викендичка или од плажа на другата страна на Земјината топка, сè додека сте надвор од тие обврски.
Според науката, доволни се најмалку четири дена за да се стабилизирате од работниот стрес, но и да ги почувствувате сите благодети на одморот, како што се следниве:
Кардиоваскуларно здравје
Луѓето кои нема да го искористат годишниот одмор се изложени на повисок ризик од срцеви заболувања, особено мажите. Ризикот се зголемува и до 8 пати, доколку не отидете на одмор шест години по ред.
Подобар сон
Во текот на одморот спиеме подобро, бидејќи се прилагодуваме на природниот ритам на будење и заспивање. Ефектот може да трае уште неколку седмици по одморот.
Подобри рефлекси
Поради стресот што неизбежно се случува кога сте на работа, ја губите способноста за забележување на секој детаљ и соодветно реагирање на одредени дразби. Забележете следниот пат кога ќе си дојдете од одмор, дека светот е поинаков, на некој начин поживописен, споредено со периодот пред да отидете на патувањето.
Додека сме на работа, сме растргнати меѓу обврските, мејловите и гледањето во компјутерот и толку сме концентрирани на задачите, што често многу нешта ни бегаат буквално пред очи.
Порасната продуктивност
На секои 10 часа одмор, продуктивноста расте за 8%, што значи дека за две недели одмор, вашата продуктивност ќе се зголеми за повеќе од 60%. Така, по завршувањето на одморот, ви претстои подолг период во кој ќе бидете продуктивни и креативни, како и успешни во реализирањето на работните задачи.
Изострен ум
Благодарение на релаксацијата и оставањето на секојдневниот хаос зад себе, мозокот почнува да се концентрира и на други работи, освен на работните задачи.
Кога сте на одмор, оставете го мозокот да лута, можеби ќе добиете некоја брилијантна идеја или да остварите дамнешна желба, само поради тоа што вашиот ум е поотворен, а телото и психата релаксирани и одморени.
Е. Д. | Црнобело