Кога напуштените објекти сакаат да проговорат - хотел „КУ-БА“ во Куманово
Минатото знае да биде конфузно. Прашањето во стил дали може да се разобличи минатото на еден човечки живот или на некое архитектонско здание секогаш остава мистериозна празнина која никако не може да се пополни.
Нема град во Македонија, каде глобализацијата и политичката ситуација во државата им ги нема свртено грбовите на објектите кои некогаш биле епицентар на разноразни збиднувања, на исполнувачки мигови и ветувачки секвенци од човековиот живот.
Некогаш постоеше хотел КУ-БА, сместен во селото Проевце, на три километри од Куманово, а сега објектот е само еден канцероген израсток, кој се распаѓа во сопствените рушевини. Не постои можност да се направи реконструкција на животниот тек на некогашниот хотел, кој претставувал симбол на уживачка и релаксација.
Во опустошената зграда се кријат заборавени приказни и животни стории впиени во ѕидиштата и скапаниот ентериер, кој веќе украден постои во некои други домаќинства.
На времето хотел КУ-БА бил во сопственост на Бисерка, која заминала во стечај. Токму таму се чекале нови години, а се испраќале старите, се правеле луксузни свадбени прослави и фешти каде се јадело и пиело, се одржувале семинари, но имало и доста туристички посети.
Никако не смее да се заборави и фактот дека Кумановската Бања претставувала утеха на посетителите со кревко здравје и можност да се поминат релаксирачки денови во бујна вегетација.
Историјатот на хотелот и препознатливата Кумановска Бања засекогаш е фрлен во мрак, никој не може да даде конкретен, а истовремено и веродостоен одговор за причините на ова апокалиптична ситуација.
Фрлен во ендек, овој хотел од Б категорија од јануари до ноември 2001 година претставувал дом за иселениците од село Матејче, кои поради воениот конфликт, беа принудени да ги напуштат своите огништа и да се ослободат од престрелката помеѓу албанската паравоена формација Ослободителна Народна Армија и безбедносните сили на Македонија.
Денеска хотел КУ-БА е целосно демолиран, оштетен и вандалски осквернавен, и сé уште базди на туѓи животни приказни, кои ќе постојат сé до неговото уривање.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело