Експеримент: Како преживеав 7 дена без интернет?
„Месечниот лимит за интернет е достигнат.“
Кога пристигна оваа порака се возев во автобус од работа накај дома и ме фати паника. Немав време да ѝ одговорам на мојата пријателка на социјалната мрежа, очекував важен e-mail и читав една статија на интернет...
Така одеднаш ми стана јасно дека сум многу зависна од интернетот и тоа не ми се допаѓаше. Затоа решив да живеам една недела без него, односно да си направам една шок терапија.
Најтешкиот дел беше да се започне експериментот. Го одолжував неколку дена, сè додека не решив дека фластерот мора да се одлепи наеднаш, за да не боли многу. Така го исклучив мобилниот интернет и Wi-Fi на мојот смартфон и си легнав со мислата до каде ќе ме однесе овој експеримент.
Изненадувачки, оваа недела во голема мера ми го промени мојот живот.
Првиот ден сфатив колку силна навика ми станал интернетот
Го исклучив алармот и веднаш се обидов да отворам Инстаграм додека уште лежев во кревет. Не се сетив веднаш дека сега не можам да го направам тоа и неволно станав од креветот.
Додека се спремав за на работа, не бев вообичаено прекинувана од разни нотификации, но сепак, раката околу 100 пати махинално ми отиде кон смартфонот.
На работа забележав дека не сум во тек со канцелариските муабети, бидејќи најголем дел од комуникацијата со колегите се одвиваше преку Скајп или месинџер.
Подоцна додека се возев накај дома, наместо да ги проверувам сите социјални мрежи, започнав да ја читам „Сто години самотија“. Книга којашто одамна сакав да ја прочитам, но никако не можев да најдам време.
Пристигна вечерта, а телефонот е сè уште полн и тоа на 70% батерија.
Вториот ден сфатив дека експериментот веќе ми здосади
Вообичаено ја проверувам временската прогноза на мојот телефон, но сега морав да се обидам тоа да го сторам гледајќи ги луѓето низ прозорец, а тоа беше прилично тешко да се одреди.
Колегите на работа мораат сè да ми објаснуваат по два пати бидејќи не сум во тек со случувањата и не знам кој е распоредот на работните задачи кај останатите колеги.
За време на слободното време на паузата имав многу голема потреба да проверам како се сите мои пријатели на социјалните мрежи.
Дома е досадно. Филмот на телевизија не успева да ми го задржи вниманието, немам интернет, а и некако не ми чита. Од досада решив да ја напишам семинарската која долго време чека.
Пред легнување махинално го проверувам телефонот, на 56% батерија е.
Третиот ден сфатив дека 8 часа работно време се повеќе од доволни
Неверојатно, но фактот дека сега не ги проверувам социјалните мрежи пред легнување и наутро, излегува дека може да поспијам уште еден саат.
На работа, исто така, имам многу повеќе време сега кога не враќам на пораките на социјалните мрежи и муабетите со колегите.
Поучена од досадата вчера, решив да посетувам јавни настани, а денес отидов на неколку предавања за уметноста на 20 век.
Четвртиот ден сфатив како е да се живее без социјални мрежи
За време на паузата на работа сфатив дека веќе неколку дена не сум си го проверила меилот и не знам што се случува со остатокот од светот.
А светот всушност не се променил многу, ако не сметаме дека не знаев кој добил Oскар, па за тоа морав да ги прашам колегите.
Дома повторно сфатив дека целото време после работа сум го трошела на интернет, па закажав средба со пријателка во кафуле. Муабетевме со часови и си тргнав накај дома прилично среќна.
Среќата кратко траеше, автобусот доцнеше, а не можев да го проверам возниот ред на апликацијата.
Петтиот ден комуникацијата стана многу подлабока
Веќе не им пишувам на пријателите, сега им се јавувам. Ова е неочекувано пријатно. Наместо да си пишувам со пријателката на празно, јас ѝ се јавив и муабетевме 40 минути.
Пред легнување повторно ѝ се вратив на „Сто години самотија“.
Шестиот ден почнав повторно да ја чувствувам храната
Преку ден отидов на уште едно предавање во Музејот на современа уметност и таму сфатив дека сум го заборавила телефонот дома. За среќа, не сум му била баш многу потребна.
Попладне излегов на долга прошетка низ градот и ги разгледував куќите покрај кои секој ден поминував без да ги забележам. Забележав дека по пат се отворила нова пекара уште пред неколку месеци, а јас дури сега стигнав да ги пробам нивните кроасани и тие беа одлични.
Додека си нарачував уште еден, сфатив дека може да земам и кафе и да си поседам додека уживам во вкусот, без да притискам постојано на телефонот.
Напишав уште неколку страни од семинарската и можам да испратам дел на проверка кај професорот. Сепак, не можам, немам интернет.
Седмиот ден се сретнав со пријателите
Најдов еден готвач дома, а во него едностаен рецепт за колач. Решив да го направам бидејќи вечер ќе имам гости.
Колачот со моркови излезе супер, го фотографирав, но не можев да го ставам на Инстаграм.
Имавме многу забавна дискусија со пријателите во врска со мојот експеримент додека јадевме од колачот од готвачот кој заборавив дека го имам дома...
Што точно сфативте од моето 7-дневно искуство без интернет?
Дека сум посмирена, понаспана, повеќе социјализирана, за нијанса не толку инфомирана и во тек со случувањата, но сепак – посреќна? А тоа е одлично чувство, зарем не?
(О)Милена | Црнобело