Eдноставни навики кои ќе ве направат попаметни
Најголемиот проблем со кој се соочуваме како возрасни личности е тоа што колку повеќе сакаме да научиме, толку потешко ни оди тоа од рака.
Преголемите обврски од „лудото“ секојдневие многу често ве спречуваат да ја задржите концентрацијата, но и да се посветите на нови методи на учење?
Не грижете се, со само неколку едноставни навики, не само што ќе можете „да одржувате кондиција“ на мозокот, туку ќе можете и секојдневно да подучувате по нешто ново.
Менувајте ги рутините
Променете ја својата утринска рутина. За почеток одете до работа со велосипед, наместо со автомобил. Направете промени во уредувањето на домот, пазарете во различни супермаркети, слушајте различен тип на музика - едноставно направете го она што сметате дека е потребно за да излезете од „кутијата“.
Читајте содржини кои досега не сте ги читале
Информацијата е една од најголемите алатки до успехот. Во модерното време, наједноставен пристап до нови информации ни овозможува интернетот и сајтовите со различна содржина.
За да ги проширите сопствените хоризонти, почнете да читате публикации, кои досега не го задржувале вашето внимание. Читајќи нов тип на содржини ќе бидете далеку поинформирани и ќе добиете нови идеи и перспективи на своето гледиште кон светот.
Прашувајте сѐ што ве интересира
Одличен начин да научите нешто плус е да прашувате. Колку повеќе прашувате, толку повеќе идеи добивате. Кога поставувате прашања, има поголема веројатност да слушнете работи, предлози и идеи кои никогаш претходно не ви паднале напамет.
Разговарајте со луѓе кои се различни од вас
Запознавајте се и комуницирајте со луѓе кои се различни од вас. Новите луѓе со себе носат нови приказни и различни расположенија. Тоа е токму она што ви е потребно за да ги проширите вашите видици и сознанија.
Престанете да осудувате
Секој од нас има свој став изграден врз основа на сопствени искуства и стекнати знаења. Токму затоа, во ситуации кога ќе прочитаме нешто што е различно од нашите убедувања, често знаеме да избувнеме.
Обрнете внимание на ваквите негативни реакции кои ги манифестирате, бидејќи некогаш тоа може да ве ограничи. Доколку се најдете во ваква ситуација, немојте непотребно да си ги „губите нервите“, напротив, прочитајте повеќе за таа тема.
Самата анализа која ќе ја направите за да му докажете на некој дека не е во право, ќе ве одведе на едно повисоко ниво на информираност и ќе ги прошири вашите хоризонти и знаења.
Учењето е насекаде околу нас. Учиме од окружувањето, од семејството, од туѓите грешки, а најмногу од своите. Ценете ги туѓите совети и излезете од рамките. Сечие друго мислење или животна приказна може да биде само една лекција плус за вас.
С. У. | Црнобело