Што ми се случи месец дена откако прекинав да ги користам социјалните мрежи?
„Починав“... Добро не во буквална смисла, туку се чувствував како да умирам. Барем на почетокот. Но, дозволете ми да започнам од почетокот.
Пред месец дена се соочував со потешкотии во мојот живот и сфатив дека морам да направ нешто околу тоа. Целата измината година доживував бура од емоции, константна неодлучност, повремена депресија и анксиозност.
Не можев да сфатам што не е во ред. Вежбав јога секојдневно, јадев здрава храна... Но, зошто не се чувствував како да минувам низ поле од розови цветови и виножита?
Моите профили на Инстаграм и Фејсбук со сигурност ќе ве убедеа дека животот ми е совршен – релаксирани јога фотки, вкусни и здрави оброци, но зад таа фасада во мене се криеше длабока и силна болка.
И тогаш кога пристигнав на место каде целосно владее темнината, каде не можам да одам подолу, тогаш кога бев преморена од сè решив да се откажам од социјалните мрежи.
Дали животот ми се промени драстично? Со сигурност ќе ви одговорам не, но се чувствував далеку подобро.
Еве што ми се случи:
1. Престанав да се споредувам со другите
Природно ни доаѓа да се споредуваме со другите луѓе околу нас, но социјалните мрежи успеваат да ја засилат таа потреба и повеќе од она природното, вообичаеното.
Социјалните мрежи го „прават“ сечиј живот гламурозен, посебно оние каде ќе сретнете фотки од јога, вежбање и здрава храна.
Но, само затоа што некој прави фотка од секое одење во теретаната, не значи дека таа личност има подобар живот од вас. Само затоа што некој знае како да позира пред камерата, не значи дека на крајот на денот се чувствува подобро во својата кожа од вас.
2. Почувствував дека живеам
Само неколку дена откако се откажав од социјалните мрежи пронајдов нов начин како да го поминувам слободното време – излегов на долга прошетка во градскиот парк.
Не е дека претходно не го правев ова, но сега не бев сконцентрирана на мојот телефон.
Во минатото обично ќе најдев место каде знам дека ќе направам одлична фотографија, ќе се сместев во омилената јога поза и се фотографирав сè додека не најдев нешто ново за објавување на Инстрагам.
Сега повторно правев фотографии, но не за да добијам лајкови, туку на некој необјаснив начин да искусам нова слобода, да се видам себеси во поинакво светло.
3. Поминував помалку време со телефонот
Денес очекувано е лицето да ви биде залепено за мобилниот телефон, но тоа боли, не само емоционално затоа ми беше полесно да се јавам на некого отколку да го видам очи во очи, туку и физички.
Вратот ме болеше затоа што постојано ми беше свиткан, па и очите ме печеа. Го ставав во ризик моето здравје само за да ги проверам моите профили.
На почетокот ми беше чудно да не го насочам мојот поглед во телефонот, но подоцна сè стана полесно.
4. Си ги реорганизирав приоритетите во животот
Ако порано меѓу најважните приоритети ми беа моите профили, бидејќи голем дел од времето го посветував на нив, сега сè беше поинаку.
Сега енергијата ја трошам на далеку поважни работи во мојот живот – на семејството, блиските, партнерот, кариерата.
Не велам дека социјалните мрежи не се добри за многу работи.
Добро знаеме сите дека сега полесно можеме да стапиме во контакт со некого. Можеме да ги сретнеме оние добро познати ликови од детството, од основното училиште или роднините кои не живеат во наша близина.
Знам дека еден ден, повторно ќе започнам да ги употребувам социјалните мрежи, но знам дека и времето кое го поминувам без нив е далеку поквалитетно и ми нуди нови животни перспективи.