Младината одговори: Како гледате на бракот во денешно време?
Во денешно време кога секој има свое различно гледиште на животот, дефинитивно не како она кое го имале минатите генерации, нè тера да се запрашаме како денес е прифатен бракот.
Како младината во Македонија одговори на прашањето за бракот во денешно време, дали го прифаќаат, дали им значи и дали воопшто сакаат да стапат во една заедница наречена брак?
Јас не верувам дека за љубовта да се одржи помеѓу двата партнери потребни се потписи на лист кои лесно можат да бидат уништени. Би стапил во брак, но само доколку партнерката има желба, во спротивно би живеел заеднички живот со виситнската личност без потпис на хартија.
Божидар (24) Битола
Верувам во вредноста на бракот и дека истиот е задолжителен помеѓу личноста која ќе ја одбереме за доживотен партнер бидејќи од мала така ме учеле родителите. Го прифаќам бракот како нешто нормално и традиционално, но кога подобро ќе размислам не е задолжително да стапиш во брак. Што ако никогаш не пронајдеш соодветен животен партнер?
Мартина (21) Штип
Јас не верувам, ниту пак сакам некогаш да стапам во брак, бидејќи денес сè е изменето во светот, никој не верува во вредноста на бракот како во минатото, не верувам ниту јас. Ниту една од моите другарки и другари не размислува за брак, а сите сакаат стабилен парнер, тоа ме тера да се запрашам зошто тогаш не го сакаат бракот, но на крај сфаќам дека денес младината има свои причини кои никој не може да ги разбере.
Маја (24) Скопје
Јас би стапил во брак само откако ќе успеам да се реализирам на професионален план. Од љубов не се живее, се живее од пари, а во брак не се стапува ако претходно не се обезбедиш финансиски. Немам ништо против бракот, но како што кажав имам поважни вредности кои сакам да исполнам во животот, па за брак ако остане време, ако не здравје.
Горјан (26) Битола
Сите ме притискаат да се омажам, живеам под индиректен притисок од околината и семејството, велам индиректен бидејќи ги слушам предрасудите на сите околу мене за луѓето кои сè уште не стапиле во брак. Но, и покрај тоа не планирам да стапам во брак со било кој само за да не ме озборуваат. Ако не најдам личност соодветна на моите критериуми можеби никогаш нема да се омажам, а луѓето може да си продолжат да озборуваат бесконечно.
Матеа (28) Охрид
Би сакал да стапам во брак наскоро и немам ништо против бракот, го гледам како доказ за вистинска љубов. Претходно имав девојка со која имав долга врска, ја запросив бидејќи мислев дека е вистинската, но таа ми кажа дека не сакала да се омажи, доколку сум сакал да продолжиме како досега, океј, во спротивно ќе треба да се разделиме. Нормално се разделивме бидејќи сметам дека ако некој те сака навистина не би требало да му пречи тоа што ќе се потпише дека ти е сопруга.
Мартин (28) Прилеп
Денес нема правила, некој сака брак, некој не го сака, во секој случај сè е поразлично од порано. Младите ги отворија очите конечно и знаат дека без разлика на тоа што луѓето озборуваат, не треба да се стапува во брак бидејќи истиот ни е наметнат од претходните генерации. Во денешно време мислам дека има повеќе парови кои живеат без потпис, отколку оние со потпис и тоа е навистина прифатливо и не е чудно, барем, не за мене, бидејќи и јас би се согласил на заеднички живот без потпис.
Иле (31) Битола
Каков е вашиот став околу бракот?