Најдоброто писмо од една мајка стана вистински хит: Сине, соблекувај ги чорапите кога имаш секс! Ќерки, во автомобилот секогаш носете рамни чевли!
Блогерката Сандра Тодоровиќ од Сараево, мајка на еден син и две ќерки, им пишува писмо во кое сака да им каже сè што знае и што сака да им пренесе додека е сè уште свесна, здрава и духовита. Да не биде трогателоно писмо пред смртта, туку токму онакво, пријателско и најдобронамерно.
Писмо кое истовремено ќе ве насмее, но може и да ве замисли или расплаче. Писмо од балканска мајка во кое многумина ќе се препознаат.
„Ви пишувам за во случај, не дај Боже, да ме прегази некој скап автомобил додека поминувам улица на зелено или да не ме посети оној луд Германец Алцхајмер, па да заборавам кои сте и чии сте.
Пред сè сакам да ви се извинам од срце што ве родив баш овде, а не на некое подобро место. За жал, верував дека ќе дојдат подобри времиња, но не дојдоа. Таа колективна надеж е ужасна работа, но некако те одржува во живот и ти дава енергија за да преживееш од денес до утре.
Секогаш помислувам: Па и не е толку страшно, има за леб и гориво, сметките ќе ги платам кога ќе можам, најмногу што може да ми одземат се посвоеното улично куче и да ми го исклучат интернетот. Ве учев да бидете чесни луѓе, да ги почитувате и другите и себе.
Помогнете кога е потребно и бидете храбри. Пари не позајмувајте никому и од никого. Пријателите едноставно ќе се издвојат од мнозинството луѓе кои ќе се врткаат околу вас во текот на животот.
Оние кои ќе останат ќе ви бидат како одбрана фамилија која не сте ја имале кога сте се родиле. Ако сте малку на мене, луѓето ќе ве сакаат, најдете им се и во добро и во лошо. Роднините почитувајте ги онолку колку што и тие ве почитуваат вас.
Не им купувајте за свадба бесмислени подароци, а никако некое ќебе. Секогаш давајте пари во плик и потпишете се. По тоа ќе ве запаметат и нема да ве озборуваат.
За љубовта би можела да ви напишам есеј, но нема. Ќе ја препознаете кога ќе дојде време, а тоа е дискутабилно.
Кога мене ми се случи, мислев дека срцето ќе си го исплукам од подивеност. Тврдам дека многупати ќе ви се чини нешто дека е љубов, а нема да биде, туку тоа е само опиеност која со текот на времето ќе ви помине како тежок мамурлак.
Одбирајте ги оние кои се слични на вас и нема да погрешите. Во оваа земја каде ве родив и одгледав нема никаков ред ни поредок. На тоа ќе се навикнете со текот на времето и ќе ви стане нормално.
Бидете успешни во тоа што ќе одберете да го правите, можеби некој авион ќе го наречат според вас.
Не чекајте ништо!
Го доживеав бомбардирањето на Белград, ја помнам војната во Босна, бегалците, хипер инфлацијата, санкции, сиромаштија... Овде децата умираат пред очите на оние кои можат да им помогнат, а не сакаат.
Храна купувавме само на улица, гориво во шишиња од Coca-Cola. Страшни времиња беа тоа, но сепак подобри од ова време сега. За таа храна од улица имавме пари, а за оваа сега од продавниците едвај наоѓаме.
Народот е гладен и бесен. Дискретен по прашањето за својата беспомошност, молчи и чека. Но, што точно чека тој народ уште никој не знае. Не чекајте ништо! Бегајте одовде во првата прилика! Нема ништо овде. Дури ни пиво после 10 навечер. Нема ниту планови кои траат подолго од два дена.
Културата е пред исчезнување, кога вие ќе бидете возрасни сигурно Народниот музеј ќе биде претворен во маркет или паркинг.
Бидете толерантни кон оние кои се различни од вас. Ако некој има друга боја на кожата или сексуална ориентација, не значи дека е лош, туку само поинаков. Не можеме сите да бидеме еднакви.
Свеста за екологијата ви ја развивав уште од најмали нозе. Чувајте ја својата околина, посадете нешто, исчистете зад себе. Верувам дека и вас, како и мене ќе ве нервираат сите останати кои нема да го прават тоа. Научете ги.
Сакајте го и почитувајте го секое живо суштество во природата. Крзно никогаш не сум носела, но не затоа што не можев да си купам, туку тоа не е фер. Слушајте исклучиво добра музика...се знае што е добра музика.
Совети за синот
Сине, биди внимателен кон жените, почитувај ги и никогаш немој да бидеш насилен. Сето тоа се враќа кога најмалку очекуваш. Плати вечера, купи цвеќе, ќе добиеш сè што сакаш уште на првиот состанок.
Секогаш користи кондом и нема да се грижиш. Свири некој инструмент, жените го сакаат тоа. Патувај, биди самостоен, зготви си сам оброк, испеглај си ја кошулата, поправи нешто по дома.
Ако седнеш да возиш мотор, да знаеш дека ќе се превртувам во гробот како прасе на ражен. Ако сакаш да си купиш Мерцедес, заработи го, биди господин човек. Реставрирај го креденецот на баба ти, штета е да се фрли.
Панталоните спушти ги малку над чевлите и соблекувај ги чорапите кога имаш секс. Не прави будала од себе. Кога пиеш, не ги мешај пијалаците, никогаш! Верувај ми, знам што зборувам.
Не се тепај, бори се со умот...те учев на тоа. Дрогата е најголемо зло. Коцкањето исто така. Марихуаната не е дрога. Најголемата човечка доблест е умереноста во сè, ако тоа го постигнеш, значи дека си успеал.
Научи барем два светски јазика. Заврши факултет. Верувам во тебе дека ќе смислиш нешто што ќе го промени светот или барем мал дел од него. Кога девојка ќе те праша дали е дебела, кажи ѝ ја вистината. Ако каже дека сè е во ред, тогаш ништо не е во ред, верувај ми.
Совети за ќерките
Ќерки, имам да ви кажам неколку важни работи за една жена. Обидете се да учите од туѓите искуства. Знам дека нема да ме послушате и дека ќе одите со главата во ѕид исто како и јас, но моја должност е да ве предупредам.
Пред да се омажите, завршете факултет. Ако некој од неговата фамилија ве праша што знаете и умеете, кажете: ништо! Сè што ќе направите после тоа ќе биде проследено со аплауз. Јас тука погрешив.
Не ги депилирајте нозете уште во петто одделение. Не ги фарбајте тие руси коси во црни, ве преколнувам! Бидете женствени до онаа мера во која вам ви одговара. Не ставајте силиконски гради. Хулахопките не се облекуваат како панталони, ќе ги скинете. На чорапи ќе дадете цело богатство. Убавината боли.
Кадравата коса е убава, не ја исправувајте. Веѓите се секогаш различни колку и да се трудите да ги направите исти. Ставањето моливче на капаците од очите навистина е вештина. Совладајте ја.
Ако мислите дека ќе танцувате цела вечер во чевли на високи потпетици, нема шанси да успеете. Во автомобилот секогаш носете резервни рамни чевли. Не верувајте во диети и таблети за слабеење, тоа е глупост. Мрднете го задникот и ќе ослабете.
Не досадувај, не прогонувај, биди мистериозна и привлечна и ќе бидеш најсакана. Не го земај неговиот телефон и не му претурај по џебовите. Не плачи за мажи, не вреди. Не биди кучка, тоа никој не го сака. ПМС не е изговор. Научи да готвиш. Љубовта доаѓа преку стомакот.
Никогаш, никогаш немојте да престанете да се занимавате со уметност. Тоа нека ви биде ѕвезда водилка. Мене ме одведе таму каде што требаше.
Во мармаладот секогаш ставете малку ванила. Ајварот е поубав во мали тегли и не се расипува. Ако ја пресолите супата, ставете две тапи од плута да се варат пет минути и проблемот е решен.
На таванот има една кутија за вас. Во неа се наоѓаат плочи, касети, cd, vhs, флопи дискови, видеорекордер и цд-плеер. Пребарајте на интернет да видите кое што е! Во една кеса има волна и вретено од мојата баба, побарајте и за тоа на интернет.
Оние смешни чевли ви ги оставив за да видите колку кретенска мода имаше во осумдесеттите. Сребрениот балски фустан е од вашата баба. Облечете го макар еднаш во животот. Јас го облеков. Има и една тетратка со автограми кои сум ги собрала, нешто од детството и некои кристални чаши. Графиките и сликите поделете ги рамноправно, на кому што му се допаѓа.
Ако нешто сум заборавила, не ми замерувајте. Тешко е сета животна мудрост да се собере во околу илјада зборови.
Ве молам, немојте да ми направите некој кретенски споменик кога ќе умрам во облик на Mерцедес, за тоа се шегував. Нешто дискретно, може и некој камен од Дунав да ставите, опуштено.
И да, оној вентилот за вода на плацот се завртува на обратната страна.
Бескрајно ве сака, мама!“