Суровиот живот во кинеските фабрики за играчки
Во Кина се произведуваат 75 отсто од играчките во светот, но зад ниската цена на производите од Истокот, стои суровата приказна за условите во кои се создаваат.
Армија од 3,5 милиони кинески работници, работат по 36,5 часа неделно во над 8.000 фабрики за играчки во Кина, а германскиот фотограф Мајкл Волф со својот апарат забележал како изгледа нивниот работен ден.
Според извештајот од 2009 година околу милион кинески фабрички работници доживеале некаква повреда на работното место само таа година. По повод истрагата која ја спровел Националниот работнички комитет, организација за заштита на човековите права, која им помага на работниците ширум светот, германскиот фотограф Мајкл Волф ги забележал условите за работа на вработените во 5 кинески фабрики. Најкритична состојба е забележана во фабриката за играчки „Systems“ во кинескиот град Донгуан.
На фотографиите се гледаат работници, кои уморни од 15-часовните смени, во фабричките простории во кои температурата достигнува до 30 степени, својата десетминутна пауза ја користат за да одморат на картонските кутии под работните маси, на кои чекаат недовршените фигури на Мики Маус и Сунѓерот Боб.
За само 45 центи на час, повеќето работнички на возраст од 18 до 25 години, работат од 7 и 45 наутро до 10 и 55 навечер, шест или седум дена во неделата со уште 1000 работници во фабричките хали со големина од 1000 м2.
За време на работата не им е дозволено да разговараат ниту да слушаат музика. За оброк добиваат мали порции во фабричките кантини. Во текот на смената немаат право на пауза за одење во тоалет, а ако прекршат некое правило за казна треба да ја чистат ве-це школката.
Вработените не одат дома во текот на работната недела, туку спијат во фабричките спални во кои се сместени по 14 луѓе во една соба. При вработувањето секој работник мора да си купи за себе душек и постелнина, а ако не го направи тоа принуден е да спие на картонски кутии. Одржувањето лична хигиена се извршува со помош на кофа и сунѓер, бидејќи туш кабини и бањи не постојат.
За својата колекција која ја нарекол „Вистинската приказна за играчките“, фотографот Мајкл Волф кажал дека претставува колку е всушност огромно кинеското масовно производство, но и гладта на Западот за бескрајната количина производи за еднократна употреба.
Надежта на уметникот е дека погледот на работниците ќе го хуманизира овој анонимен океан играчки и ќе нѐ натера да ја сфатиме реалноста во светот на потрошувачката глобализација. Волф одлучил својата колекција да ја изложи на посебен начин. Фотографиите кои ги направил ги опкружил со 16.000 половни играчки кои ги купил во продавниците низ Калифорнија.
Сѐ уште мислите дека вам ви е тешка работата?