Кремаст сладолед од 1 состојка на 5 начини
Кога би ви кажале дека за сладолед неопходна ви е само една состојка, веројатно не би поверувале. Но, овој рецепт е доказ дека може да уживате во здрав, кремаст и освежувачки десерт подготвен за само 5 минути.
Бананата е најспецифичното овошје со посебна текстура и богат вкус, а всушност во неа и лежи тајната на најфиниот и најкремастиот сладолед без глутен и без додатни шеќери. Подготовката на овој леден десерт е доста едноставна, па затоа веднаш испробајте ја.
Сè што ви е потребно се само 2 банани.
Подготовка:
Бананите излупете ги и исечкајте ги на тенки крукчиња. Ставете ги бананите во чинија или кесичка и замрзнете ги. Оставете ги околу 2 часа, додека не се стврднат сосема.
Откако ќе ги извадите од замрзнувач, ставете ги во блендер и миксирајте додека не добиете густа, леплива смеса. Измиксираните банани ќе имаат совршена структура за сладолед и подготвени се за послужување.
Ако сакате сладоледот да биде уште малку потврд, оставете ги сервираните топки уште неколку минути во замрзнувач.
Ако сакате да направите уште 4 различни вкусови додајте ги следните состојки:
Кикирики - Во блендерот додајте 3 лажици масло од кикирики и 2 лажички мед
Нутела - Во блендерот додајте 3 до 4 големи лажици Нутела
Јагода - Во блендерот додајте грубо исечкани заледени јагоди и 2 лажички слатка павлака
Чоколада – Во блендерот додајте 3 лажици горко какао, 2 лажици слатка павлака и малку екстракт од ванила
Кога ќе ги подготвувате вкусовите од јагода и чоколада, задолжително вратете ја смесата во замрзнувач додека кремот не се стврдне.
Уживајте во здравиот и едноставен десерт!