Кои се македонските хероини од Сексот и градот?
Поминаа цели 15 години откако четирите хероини на Сексот и градот застанаа на своите високи потпетици и го прегазија традиционалниот феминизам.
И кај нас оваа серија создаде своја армија од женски фанови кои еманципацијата ја сфатија како уништување на кредитните картички со шопинг и надминување на бројот на мажи кои Саманта ги имаше.
Се прашувате како всушност би изгледале македонските Кери, Саманта, Шарлот и Миранда?
Македонската Саманта веројатно не би можела да биде толку успешна токму заради ниското ниво на почит и претераната отвореност кон мажите. Работата би ја изгубила во оној момент кога се дознава дека нејзиниот сексуален живот е достапен за сите во градот, по што следува низа на неуспеси наместо луксузни патувања и егзотични дестинации.
Кери во наши услови би заработувала по најмногу 20 евра за еден текст, доколку исплатата не доцни или нема некои неправилности. Книгата која ќе биде бестселер би можела да и донесе неколку пара чевли од Зара и чанти од Манго, а не гардеробер преполн со брендирана облека.
Македонската Миранда сè уште би била приправничка во своите триесетти години бидејќи студирала најмалку 10 години, со пауза кога добила бебе. И тоа од кого? Од милиот и посветен келнер од локалното кафуле кој не заработува нешто посебно и живее од бакшишот кој ќе го добие.
Модерната Шарлот би била триесет годишна девојка која сè уште живее со своите родители, инаку професори во пензија, со високи стандарди и визии за иднината. Нејзе не и е дозволено да се бламира во јавност, да биде видена со повеќе од еден маж, или пак сама во некој локален бар, па можеби затоа ги поминува деновите и ноќите во својот скромен дом.
Се пронајдовте во некој од горенаведените профили или сепак вие сте една и единствена хероина која не се поистоветува со овие жени?