Направи сам: Декоративна жардинера за цвеќе
Интересна идеја како сами да направите декоративна и уникатна жардинера за вашата градина, изработена од стара метална кофа или конзерва.
Потребно:
За да ја изработите оваа прекрасна жардинера, потребна ви е метална кофа или конзерва (направена од цврст лим или метал) за да не ја изгуби формата, две парчиња мрежа која се користи во градежништвото со димензии 12x12, мали камчиња во разни облици, но со сплескана површина, малтер, фуга, шпакла и голем сунѓер.
Како да ја направите?
Бидејќи цвеќето кое ќе го засадите кога жардинерата ќе биде готова мора да дише, најпрво на дното на кофата или конзервата направете отвори со помош на чекан и шајка. Потоа, нанесете тенок слој малтер врз површината на кофата, а врз него залепете ги кружно парчињата мрежа.
Потоа, почнете да ги лепите камчињата едно до друго, благо притискајќи ги. Додека работите потребно е кофата да биде свртена наопаку, за да не се преврти од тежината на камчињата.
Откако ќе ги залепите сите камчиња, оставете ја кофата цела ноќ на провев да се исуши. Наместо малтер можете да користите и специјално лепило за поврзување на метал со други површини.
Следниот ден спремете ја смесата за фуга и премачкајте ја површината со камчиња со помош на шпакла, а вишокот отстранете го со сунѓер.
Оставете ја уште една ноќ да се исуши и стврдне, без да ја поместувате за да не напукне малтерот, а веќе следниот ден можете да ја наполните со земја и да си го посадите омиленото цвеќе.