Разделбата на Чарлс и Дијана, пожар во замокот: Зошто 1992-ра била најлоша година за кралицата Елизабета?
Јавноста дозна за една од аферите на принцезата Дијана, кралицата мораше да одобри неколку разводи, а на крај имаше и пожар во нејзиниот замок – и, сето ова се случило во 1992 година, кога Елизабета славеше 40 години на тронот.
Во говорот што го одржа по повод 40-тата година од нејзиното владеење, кралицата Елизабета ја нарече 1992-ра „annus horribilis“, односно ужасна година.
Наместо да се гордее со јубилејот, во 1992-ра кралицата Елизабета се соочи со неколку разводи од членовите на семејството, еден од поголемите скандали на британската монархија од поново време, но и пожар во нејзиниот дом.
Зошто 1992-ра била најлошата година за кралицата Елизабета и кралското семејство?
Разделбата на принцот Ендру и Сара Фергусон
Во 1986-та, околу една година откако се запознаа, принцот Ендру ја побара Сара Фергусон за жена.
Направија раскошна свадба, а добија и две деца.
Сепак, поради честото отсуство на принцот, кој тој период беше поморски офицер, почнале да се појавуваат проблеми во бракот.
„Се венчав со мажот што го сакав, кој беше принц и поморски офицер. Но, од бракот јас не го добив мажот, туку ја добив палатата…
Додека траеше нашиот брак, го гледав само 40 дена годишно“, изјави Сара Фергусон во 2010-та.
Во 1992 година, Сара и принцот се разделија, а го финализираа разводот во 1996-та.
Во периодот околу разделбата, во британските медиуми се појавија и фотки на кои се гледа како милионерот Џон Брајан и ги бакнува стапалата на Сара додека таа се сонча топлес покрај базен.
Поради скандалот, Сара практично беше избркана од кралското семејство, и покрај тоа што има деца со принцот.
Разводот на принцезата Ен
Во 1973 година, принцезата Ен, односно единствената ќерка на кралицата, се венча со капетан Марк Филипс.
Телевизискиот пренос од свадбата го следеа над 500 милиони гледачи, а подоцна парот доби и две деца.
Но, по 19 години заедно, палатата излезе со соопштение дека принцезата и капетанот се разведуваат.
Тие беа разделени година-две претходно, но принцезата се двоумела дали е во ред да побара развод, поради ставот на британското кралско семејство за разводите.
Сепак, во 1991-ва поднесе барање, а во 1992-ра и официјално се разведе.
Подоцна се дозна дека принцезата имала афера, а капетанот добил и дете од друга жена додека беа во брак.
Беше издадена скандалозната книга Diana: Her True Story
Во јуни 1992 година, од печат излезе книгата Diana: Her true Story во која се опишани сите тажни детали од животот на принцезата Дијана.
Автор на книгата е новинарот Ендру Мортон и иако првично палатата негираше дека Дијана имала каква врска со текстот, подоцна се дозна дека таа била главниот извор на информации.
Односно, извесен период таа се состанувала со новинарот кој ја интервјуирал за нејзиниот живот во палата, проблемите со менталното здравје, како и бракот со Чарлс.
Сите детали изнесени во книгата практично го „оцрнија“ кралското семејство.