Најбизарните рекорди во светот (кои не треба да пробате да ги срушите)
Дали би се осмелиле да поминете 10 дена затворени во ковчег? А, дали би ставиле отровна змија во устата? Кој е најбизарниот рекорд за којшто се слушнале?
Гинисовите рекорди од типот на најстара жена во светот, најмногу направени стомачни за половина час и слично, се забавни, а некогаш и инспиративни.
Но, постојат и рекорди кои се ништо помалку од бизарни и ќе ве натераат да се запрашате како воопшто некој се сетил да ги направи.
Во продолжение дел од најбизарните рекорди, кои дефинитивно не треба да пробате да ги срушите:
Најмногу ѕвечарки во уста
Ѕвечарките се отровни змии кои не би сакале да ги сретнете во природа, уште помалку да ги ставите во уста.
Но, Џеки Биби од Тексас го направил токму тоа.
Веќе неколку децении, Џеки изведувал шоуа со ѕвечарки, а држи неколку Гинисови рекорди поврзани со отровните змии.
Во 2008 година, тој ставил дури 11 змии во неговата уста. Односно, ги држел змиите со устата за нивните опашки, и тоа 10 секунди.
Исто така, тој влегол во када во која имало 195 ѕвечарки, со тоа соборувајќи уште еден бизарен рекорд.
Јадење главица кромид за најкраток период
Иако кромидот прави огромна разлика во вкусот, ретко кој би се осмелил да изеде цела главица, како да е јаболко.
Но, ова не било проблем за Јапонецот Јусуке Јамагучи.
Тој го држи рекордот за најбрзо јадење главица кромид – 29,56 секунди.
Јусуке го срушил рекордот во 2013 година и оттогаш е на врвот за овој бизарен подвиг.
Најмногу изедени хамбургери од McDonald’s во животот
Доналд Горск од Висконсин, САД, вели дека храната од McDonald's му е омилена, особено хамбургерот познат како Big Mac.
Тој има 70 години, а во својот живот има изедено дури 34.128 Big Mac хамбургери.
Првпат си купил Big Mac хамбургер во 1972-ра, а тој период дознал и за книгата со Гинисови рекорди.
Па, оттогаш секој ден јадел по најмалку еден хамбургер со цел да стане дел од книгата.
Најдолг период поминат во ковчег
Во минатото, кога медицината не била развиена, не така ретко се случувало некои луѓе да бидат закопани живи.
Па, не е ни чудно што ова е страв што го имаат многу луѓе.
Но, Зденек Захрадка од Чешка решил да се соочи со овој страв и во 2004 година поминал 10 дена во ковчег. Иако не бил закопан под земја, ковчегот воопшто не бил отворан во овој период.
Тогаш Зденек имал 50 години, а во ковчегот немал ни храна ни вода.
Зa да може да дише, во ковчегот имало цевка, како вентилација.
Тoј постојано бил и под медицински надзор, а додека да излезе од ковчегот, ослабел скоро девет килограми.
Зa бизарниот подвиг, Чехот има изјавено дека му дал време да медитира, но дека чувството на жед на моменти било неподносливо.