Ефикасни начини како да се справите со манипулаторите, без да ги изгубите своите нерви
Манипулаторите честопати го ловат вашето его: го преувеличуваат кога им треба нешто од вас, а го намалуваат секогаш кога сакаат да ја имаат контролата. Тоа е маѓепсан круг кој може да ве направи исцрпени и без ориентација. Кој е клучот за ослободување од овој циклус?
Манипулаторите се насекаде. Тие знаат како да си поиграат со вас, да ги извртат вашите зборови и да ве натераат да се сомневате во себе.
Во текот на животот сигурно ќе наидете на манипулатори, некој ќе сретне повеќе, некој помалку, но сепак, тие се неизбежни.
Затоа, добро е да научите како да останете присебни, да не се изгубите себеси и да си ја сочувате контролата.
Па, погледнете неколку лекции кои веруваме дека ќе ви бидат корисни кога ќе се судрите со личност која се обидува да манипулира:
Останете присебни, во вашата реалност
Справувањето со манипулаторите може да ви изгледа како талкање во лавиринт, каде што секој чекор води кон поголема конфузија.
Манипулаторите најчесто сакаат да ја искриват вашата перцепција за реалноста за да одговара на нивните потреби.
Но, тука мора да застанете и да се спречите себеси и да не ја играте нивната игра.
Да останете приземни во сопствената реалност е првиот чекор кој треба да го преземете.
Имате право да им верувате на вашите искуства, чувства и перцепции. Кога ќе почувствувате дека нешто не е во ред, верувајте им на вашите инстинкти и не дозволувајте некој да ве убеди дека претерувате или погрешно ја разбирате ситуацијата.
Имате право да си го заштитите мирот и никој не може да го наруши тоа!
Одржувајте ги вашите емоционални граници
Емоционалните граници дејствуваат како невидливи линии, кои ги одвојуваат вашите од емоциите на другите.
Манипулаторите, сепак, имаат вештина да ги преминат овие линии. Тие користат емотивни тактики за да ве контролираат и искористуваат.
Но, започнете со препознавање на вашите емоции и не дозволувајте да бидат диктирани од некој друг.
И кога некој манипулатор ќе се обиде да ви ги прекрши тие граници, потсетете ги нив, а и себеси, дека вашите емоции се ваши и не се алатка за туѓа корист.
Одржувањето на емоционалните граници не значи дека треба да ги отфрлите другите, туку дека држите простор за вашите емоции и не дозволувате непотребно да бидат искористени.
Одговорете, не реагирајте
Во даден „жежок“ момент, лесно е да се реагира импулсивно. Но, избрзаното реагирање честопати им дава на манипулаторите еден вид муниција што им е потребна за да ги продолжат своите умствени игри.
Кога имате работа со манипулатор, од клучно значење е да одвоите еден момент, да ги соберете своите мисли пред да дејствувате или кажете нешто.
Оваа пауза ви овозможува да одговорите смирено и мудро, наместо да дозволите да зборува лутината или фрустрацијата.
Избирајќи да одговорите, наместо да реагирате моментално, вие не само што ќе ја одржите вашата ладнокрвност, туку и ќе му ја одземете моќта на манипулаторот да ги контролира вашите емоции.
Вежбајте внимателност во комуникацијата
Манипулаторите честопати ги искористуваат ранливите личности. Факт е дека не можете да го контролирате нивното однесување, но може да го контролирате вашиот одговор.
Бидете внимателни, присутни и свесни за вашите мисли, чувства и постапки. Кога си имате работа со манипулатори, практикувајте внимателна комуникација, кажете ја вашата вистина, но правете го тоа смирено и со почит.
Обрнете внимание на тонот на гласот, говорот на телото и зборовите кои ќе ги користите. Наместо да дозволите емоциите да го диктираат вашиот одговор, дозволете да ве води вниманието.
Не го обвинувајте или напаѓајте соговорникот. Во ред е да не се согласувате и да имате тешкотии. Целта не е да победите, туку да ја пренесете својата перспектива, без да ја изгубите својата смиреност.