Која порака ја упатувате ако некому подарите орхидеја?
Знаете ли што им порачувате на луѓето кога ќе им подарите розова орхидеја?
Во минатото, каранфилите беа најчестиот цвет што се подаруваше за 8 Март и другите важни денови, а во последните неколку години се чини дека орхидеите се најпопуларните цвеќиња што им се подаруваат на драгите жени.
Ако некому сакате да подарите орхидеја, убаво би било да прочитате и за значењето што со тој гест го упатувате и како тоа би можело да биде протолкувано од страна на личноста што го добива подарокот.
Долго време се сметало дека орхидеите се симбол на невиност, добра среќа и добро здравје, а се верува дека ќе ѝ донесат благосостојба на личноста што ги одгледува. Токму затоа, орхидеите станаа омилен подарок за празникот на жената, но воопшто и за другите значајни денови.
Низ историјата, античките Грци верувале дека орхидејата е симбол на машката плодност, па дури жените ставале делови од цветот во храната што ја подготвувале ако сакале да добијат машко дете.
Во античка Кина, тие им се подарувале на нововенчаните двојки и се верувало дека најчесните и најдоблесните луѓе се како орхидеите што ја претставуваат нивната култура.
Кога подарувате орхидеја, треба да имате предвид и за бојата што ја избирате, па во продолжение погледнете го значењето на различните цветови според бојата:
Розова орхидеја
Овој цвет симболизира женственост и елеганција. Традиционално се подаруваат за годишнина од брак или се подаруваат на драгите пријатели со цел да им посакате добросостојба и добро здравје.
Црвена орхидеја
Црвените цветови симболизираат романтични чувства и страсни врски. Тие се совршени како подарок за саканата личност.
Портокалова орхидеја
Тие се симбол на храброст, цврстина и гордост. Тие се совршен подарок за некој што пред себе има важен настан, натпревар или се соочува со некој предизвик.
Виолетова орхидеја
Тие се кралски симбол и означуваат почит. Тие се одличен подарок за некого кому сакате да му покажете дека сте му благодарни, дека му се восхитувате и го почитувате.
Жолта орхидеја
Тие симболизираат среќа, духовност и се знак на нови почетоци. Совршени се за нови брачни парови, нови родители или, пак, за подарок за оние што се вселуваат во нов дом.
Белa орхидеja
Значењето на овој цвет се поврзува со значењето на белата боја. Кога некому му подарувате бела орхидеја тоа би можело да значи дека за личноста сметате дека е чиста, имате надеж за неа или сметате дека е елегантна и софистицирана.
Б. С. Б. | Црнобело