Најпознати турски суеверија – Колку се слични со македонските?
Што значи ако ви свират ушите, зошто не треба да ги сечете ноктите навечер или кога треба да чукнете во дрво и да кажете: „Да не чуе злото!“? Во продолжение погледнете некои од најпознатите турски суеверија, па споредете колку се слични со нашите.
Суеверијата ги има во речиси секоја култура. Секој народ има свои ритуали и навики со коишто се заштитува од злото или верувања дека некои настани може да бидат предзнак за некоја идна несреќа.
Турската и македонската култура во голема мера се слични, а тоа може да се забележи и кај суеверијата што се застапени кај двата народи.
Кои суеверија се застапени во турската култура и колку од нив се застапени и кај нас?
Турско око или Назар
Можеби најзастапено во Турција е верувањето или суеверието за моќта на Турско око, познато и како „Назар“.
Овие очи се користат како амајлии коишто ве штитат од злото и од злобните погледи, па во Турција честопати може да се видат на влезовите од домовите, на улиците, во канцелариите, а некои мајки дури и ги прикачуваат на облеката на нивните новороденчиња.
Сигурно сте забележале дека ова око може да се најде и во голем број продавници кај нас, а го има и во некои македонски домови.
Истурање вода кога некого испраќате на пат
Кај нас често се случува постарите да истураат вода кога ги испраќаат младите некаде на пат или за среќа, кога започнувате некое ново поглавје во животот (почнувате на училиште, на ново работно место), за да ни „тече сѐ како вода“.
Турците исто така веруваат дека треба да се истури вода зад личноста што заминува на пат и треба да му се каже: „Да одиш и да се вратиш без проблем како водата што тече“.
Чукање во дрво
Чукањето во дрво е застапено кај голем број народи, а се верува дека на тој начин се заштитуваме себе од нешто лошо што би можело да ни се случи во иднина.
Турците веруваат дека треба да го штипнат увото и да тропнат трипати на маса за да се заштитат од лошата среќа што би можела да ги следи.
Исто како нас велат: „aman nazar değmesin“ што во буквален превод значи „да не те допре злото“, а е многу слично со нашата изрека: „Да не чуе злото!“
Сечење нокти
Многумина во нашата земја веруваат дека навечер не треба да се сечат нокти.
Вакво суеверие постои и во Турција. Турците веруваат дека ако ги сечете ноктите на рацете или на нозете навечер, тоа ќе донесе несреќа и сиромаштија во семејството.
Свирење на увото
Според Турците многу е важно во кое уво се јавува свиреж. Ако ви свири левото уво, тоа значи дека некој ве озборува.
Доколку ви свири десното уво тоа значи дека некој ве фали и кажува убави работи за вас.
Скршено огледало
Слично како и во другите култури, и Турците се суеверни кога станува збор за скршените огледала во нивниот дом.
Но, според нив, енергијата на Назарот, односно Турското око во домот, била толку силна, па заради неа се скршило стаклото или огледалото во домот.
Ако нешто вакво се случи, тие веруваат дека скршеното стакло мора веднаш да се фрли, во спротивно ќе следува несреќа во домот и семејството.
И ние веруваме дека скршеното огледало носи несреќа, нели?
Б. С. Б. | Црнобело