6 ситуации во кои не мора да им помагате на другите (и зошто)
Не сте должни да „фаќате врски“ за работа или да делите професионални совети и да го споделувате знаењето што сте го стекнале со многу труд. Исто така, не инсистирајте да му помогнете на некој кога тој ја одбива вашата помош.
Кога станува збор за нашите сакани, па и луѓе кои не ги познаваме но забележуваме дека им треба помош, сите сакаме да помогнеме.
Сепак, во некои ситуации нашата помош навистина не е потребна. Некогаш со помагањето всушност им отежнуваме на другите, а некогаш тие не ја ни заслужуваат помошта.
6 ситуации во кои не мора да им помагате на другите:
Давање професионални совети
Во ред е да ѝ помогнете на некоја сакана личност да ги оствари своите професионални цели и да го споделите вашето искуство.
Но, не секој ја заслужува оваа помош.
Иако можеби ќе слушнете оправдување дека делењето вакви совети не ве чини ништо, не заборавајте дека вие сте вложиле многу, многу труд за да го научите она што го знаете.
Па, ако не сакате да давате (бесплатни) професионални совети, немојте да се чувствуваат лошо за тоа. Истото важи и за „фаќање врски“ за работно место.
Работи со кои знаете дека не можете да се справите
Ако сте антиталент за растенија и не можете да се грижите ни за кактус, не прифаќајте да се грижите за растенијата на пријателката додека е на одмор.
Или, ако не сакате животни, не прифаќајте да се грижите за мачката на пријателката додека не е дома.
Генерално, немојте да пробувате да помогнете во ситуации во кои знаете дека нема да се снајдете, бидејќи можете само да создадете повеќе проблеми.
Луѓе кои постојано ви бараат пари
Кога некоја сакана личност има финансиски проблеми, нормално е да сакате да помогнете.
Некогаш на саканите навистина им треба нашата помош за да застанат на нозе.
Но, ако станува збор за личност која одново и одново ви бара пари, а притоа не прави ништо да си ја подобри ситуацијата, не сте должни секојпат да ѝ давате.
Лажни барања за донации
Денес социјалните мрежи се преплавени со објави од луѓе кои бараат пари за лекување, бездомни животни и што уште не.
Додека повеќето вакви објави се искрени, за жал, дел се и лажни.
Односно, некои луѓе бесрамно ја злоупотребуваат туѓата добрина и бараат донации дури и кога не им требаат.
Затоа, пред да донирате пари за што било, добро истражете дали станува збор за вистински случај или само лага.
Кога некој ја одбива вашата помош
Штом некој ја одбива вашата помош, тоа значи дека навистина не му треба.
Па, немојте да инсистирате бидејќи можете само да му ја отежнете работата.
Обврски на вашето дете
Вашето дете треба да се научи на одговорност и затоа треба да има свои обврски. Овде спаѓаат и училишните.
Немојте да ги пишувате домашните задачи на вашето дете бидејќи со тоа се губи поентата на самата домашна.
Истото важи и за неговите обврски низ домот – мора да научи само да ги завршува за да стане одговорна личност.
Спирова С. | Црнобело