„Порано крадев автомобили – како да го заштитите вашиот од кражби?“
Млада девојка од САД (која пробува да си го подобри животот) порано крадела автомобили. Сега, користејќи го своето искуство, споделува што можете да направите за да ги одвратите крадците од намерата да го обијат или украдат вашиот автомобил.
Алана Флин од САД е 22-годишна девојка со проблематично минато, која сега пробува да си го подобри животот.
Таа била зависник од дрога и во најлошиот период од животот била вклучена во неколку кражби, меѓу кои и крадење автомобили.
Повеќе од една година Алана не користи наркотици, а на нејзиниот ТикТок профил споделува видеа за нејзината битка со зависноста, со надеж дека ќе им помогне и на другите зависници.
Во едно од нејзините најпопуларни видеа кое има над половина милион прегледи, Алана открива како можете да го заштитите автомобилот од кражби.
Користејќи го нејзиното искуство во крадење, младата девојка споделува неколку совети кои ќе ги одвратат крадците од намерата да ви го обијат автомобилот.
Во продолжение, советите на Алана:
Паркирајте покрај прозорец
Алана советува да го паркирате автомобилот покрај прозорец од којшто ќе можете да го гледате.
Обично крадците го набљудуваат сопственикот на автомобилот, па ако сфатат дека е во негово видно поле, нема да се осмелат да го обијат.
Не грижете се ако имате луксузен автомобил
Алана истакнува дека повеќето крадци ги избегнуваат луксузните модели и почесто се фокусираат на постари автомобили бидејќи е полесно да се украдат.
„Не им е гајле колку е убав вашиот автомобил, крадците не сакаат убави модели. Тие сакаат автомобили кои се направени пред барем 14-15 години.
Сакаат автомобили кои немаат многу напредна технологија, за да можат лесно да ги украдат, лесно да влезат во нив“.
Младата девојка додава дека секој автомобил произведен пред 2009 година е почеста мета на крадците.
Купете брава за заклучување на воланот
Според Алана, ова е најважниот совет за безбедност на вашиот автомобил.
Таа вели дека штом крадецот ќе види дека воланот има безбедносна брава, нема ни да проба да го украде.
На крадците им треба многу време за насилно да ја отстранат оваа брава, па не сакаат да ризикуваат.
Ставете налепница на автомобилот
Во овој случај станува збор за налепници на кои пишува дека автомобилот има гласен аларм или слично.
Дури и ако вашиот автомобил не е опремен со нешто вакво, штом ќе ја види налепницата, крадецот нема да сака да ризикува.
„Ставете налепници на автомобилот што ќе ги одвратат крадците од намерата да го украдат. Добра е налепницата со натпис како ’Автомобилот е под видео надзор‘.
Или, ’Овој автомобил има напреден систем за безбедност‘. Овие налепници ќе го направат крадецот параноичен“.
Не чувајте ништо вредно во автомобилот
Иако овој совет е очигледен, Алана смета дека треба да се нагласи.
„Не оставајте вредни работи во вашиот автомобил. Јас лично не би оставила буквално ништо внатре – штом ќе излезете од автомобилот, крадецот ќе украде сè“.
@liltraplala #recoveringaddict #felonsoftiktok #gtainreallife #carstolen
♬ original sound - liltraplala
Спирова С. | Црнобело