Како да ја преживееш новогодишната прослава на работа?
Прославите со колегите од работа се секогаш меч со две острици – може да поминат феноменално или катастрофално. За жал, побројни се вториве. Во принцип, сè зависи од колегите и (не)скржавоста на шефот кој ја плаќа прославата.
Супер е она кога си велиш дека секаде треба да си природен и да не глумиш, ама ова правило малку отстапува на ваков тип на прослави. Ако се опуштиш премногу, ќе бидеш мета на сечии озборувања. Ако си „дрвена Марија“, ти следува истото.
Новогодишните прослави на работа се нужно зло, не уживаш премногу, но мора да ги поминеш. Па еве како најлесно да ги преживееш:
Немај никакви очекувања
Кога ќе тргнеш со нула очекувања, тешко е да се разочараш, нели? Подобро тргни со очекувања под нулата, па секое едно интересно нешто ќе ти биде пријатно изненадување. На крајот можеш и да си речеш – Море, не беше толку лоша прославава. Сакам пак! (како да не).
Облечи се пристојно
Тоа е вистинскиот збор што го бараме – пристојно и нормално. Секогаш има една група карминисани моми стиснати во минијатурни фустанчиња кои просто ги магнетизираат погледите на мешлести чичиња и тетките озборувачки. Не им го давај тоа задоволство, биди нинџа.
Не ја напаѓај шведската маса
Не, ова не е последниот ден на планетата Земја. И утре ќе има храна. И дома имаш храна. Ако е сè платено и сакаш да му вратиш на шефот затоа што е лошотија и слуга на Сатаната, смисли подобра одмазда од јадење 28 похувани зденки, 6 пирошки и колачи колку што има на една слава.
Не биди ненаситен лапач и аждаја, редот е предолг пред тебе.
Не, не си на свадба
Добро, има пирошки за волја на вистината и атмосферата е таа, фалат само невестата и младоженецот. Ама нема да се појават, иако орото и порачките на сомнителни мелодии не изостануваат. Диши, ќе помине кај и да е. Кажи дека не си по ората и следи ја прославата со суптилна заинтересираност и поглед кој крие тајна порака: тука сум, ама сакам да не сум.
Не лепи пари на музиката
Еве си, џитна неколку пијачки повеќе и ги крена рацете во воздух. Одеднаш си во кругот каде се плескаат дланки, те обзема благ делириум, се расположуваш, ма еднаш се живее, каде ми е паричникот? Седи мирен. Утре ќе те изеде срам, ама многу повеќе нервоза што си останал без пари.
Не прави планови со колегите што не ги сакаш
Како бе не сме излегле никогаш досега, ааа, мора да ја поправиме таа грешка – излегуваат зборовите од твојата уста додека наздравуваш весело со колегите со кои едвај си велиш здраво на работа. Немој да мислиш дека нивната меморија е краткотрајна како твојата. Ќе те побараат за тоа излегување и ќе си трпиш. Не си го барај со боринче.
Ајде да се сликаме...
... за Фејсбук. И за Инстаграм. Да се чекираме! Селфииии-тајм!
Овие ритуали направи ги на почетокот, кога си прибран и спастрен. После десеттата пијачка, секое фото-документирање е непожелно.
Не кажувај што те мачи
Да бидеме реални, секој си има некоја мака. Ама затоа човек си има другари, психијатар, поп, виртуелен анонимен форум. Прославата со колегите е последното место каде треба да го споделиш умирањето на твоето куче, раскинувањето со женската или неостварената платонска љубов од 7-мо одделение кој е веќе женет со 3 деца.
Стоп за забранети теми
Политика, правата на хомосексуалците, религија и кој колку заработува. Магичен круг, почнуваш, се заглавуваш во темите, се расправаш, си ја доуништуваш просечната вечер. Подобро фати се на орото.
Дома си, со измиени заби, во удобните пижами и пријатно стуткан во креветот. Еве ги сериите, ах, што убаво ќе си ги изгледав сите пропуштени епизоди, наместо само една да не беше прославата. Но, добро, важно помина.
До наредната година...
(О)Милена | Црнобело