Како изгледа кога Меѓународната вселенска станица поминува пред Сонцето и пред Месечината? (фото)
Астрофотографот Ендру Мекарти ја фотографирал Меѓународната вселенска станица додека минува пред Сонцето и пред Месечината.
Ендру Мекарти е астрофотограф кој прави неверојатни фотографии од Месечината и небесните тела. Сега, тој ја направил можеби најинтересната фотографија во неговата кариера.
Ендру успеал да ја „улови“ Меѓународната вселенска станица додека минува пред Месечината, а потоа и пред Сонцето. Станицата често минува пред нашиот сателит и пред нашето сонце – во 24 часа, астронаутите што се таму гледаат по 16 изгрејсонца и зајдисонца – но вистински предизвик е да се фати овој момент со камера. Но, бидејќи Ендру е веќе експерт во оваа област, успеал да ги направи неверојатните фотографии.
Минувањето на Станицата пред Месечината или Сонцето трае едвај една секунда, па ако сакате да го фотографирате овој момент, тајмингот е едно од најважните нешта.
За да го одреди точниот момент кога Станицата ќе помине пред Месечината, Ендру го користел веб-сајтот ISS Transit Finder. На овој сајт можете да ја внесете вашата локација, а сајтот ќе ви пресмета кога и каде најблиску можете да ја видите Станицата како минува пред Месечината.
Фотографирањето на Месечината и фотографирањето на Сонцето си бараат различна опрема. На пример, за да го фотографира Сонцето, Ендру користел специјален соларен телескоп, како и SCT телескоп кој користи и леќи, и огледала. Ендру користел и две камери истовремено.
„Солариниот телескоп ми помага да ја добијам богатата текстура на Сонцето, додека SCT телескопот ми дава појасни детали за Станицата“.
За да ја фотографира Месечината, Ендру користел една монохроматска камера со која може да направи 100 слики во секунда – нешто што е важно кога се обидувате да фотографирате настан кој трае помалку од една секунда. Истовремено, користел и камера која фотографира во боја, за да може да додаде боја на крајниот резултат.
Ендру нагласува дека фотографијата со Сонцето е обработена - променети се контрастот и бојата. Причината е тоа што светлината која минува низ соларниот телескоп има мала бранова должина, па боите речиси и да не се познаваат.
Фотографијата од Месечината не е обработувана, единствено Ендру додал мал (уметнички) детаљ за да го подобри изгледот:
„Само направив левата страна од месечината да изгледа малку осветлена“.
Ендру фотографира небесни тела само неколку години, но веќе е вистински професионалец:
„Се надевам дека сите ќе ги видат моите фотографии и ќе сфатат дека вселената им е достапна и на обичните луѓе. Пред три години си го купив првиот телескоп, а сега можам да го истражувам универзумот, и покрај тоа што сум на Земјата. Буквално секој може да го прави ова“.
Спирова С. | Црнобело