Зошто се будиме кога сонуваме дека паѓаме и уште 7 забавни факти за спиењето кои ќе ве изненадат
Имаме биолошки часовник кој прави да се чувствуваме поспано навечер
Таканаречениот циркадиски ритам го сочинуваат физичките и менталните промени во организмот во 24-часовен циклус. Овој ритам се јавува кај повеќето живи суштества, вклучувајќи ги и животните и растенијата.
Овие промени се контролираат од нашиот таканаречен биолошки часовник и настануваат поради сончевата светлина. Односно, навечер се случуваат процеси во телото кои нè прават поспани, а наутро – процеси кои ни помагаат да се чувствуваме будно.
Дел од овие процеси се мали промени на телесната температура и ослободување одредени хормони, како „хормонот за спиење“ - мелатонин - кој се лачи кога е темно.
Месечевите фази имаат влијание врз нашиот сон
Бројни истражувања имаат покажано дека фазите на Месечината имаат влијание врз нашиот сон.
На пример, едно истражување покажало дека кога има полна Месечина, испитаниците спиеле полошо и им требало подолго време да заспијат.
Според друго истражување, испитаниците спиеле околу 20-тина минути помалку кога имало полна Месечина. Истовремено, им требало подолго време да ја достигнат РЕМ фазата.
Постојат неколку претпоставки зошто Месечината има влијание врз сонот.
Според најпопуларната теорија, посилната месечева светлина кога има полна Месечина влијае врз нашиот биолошки часовник и го нарушува сонот.
Користењето електронски уреди пред спиење навистина го нарушува сонот
Бројни истражувања покажале дека користењето смартфон, таблет или каков било уред со екран пред спиење има негативно влијание врз сонот.
Причината за ова е сината светлина што ја емитуваат овие уреди која го намалува или одложува лачењето мелатонин – хормонот кој ни помага да заспиеме.
Минуваме околу третина од животот во спиење
Во просек, секој човек поминува третина од животот во спиење или обидувајќи се да заспие.
Кога ќе земете предвид дека треба да спиеме по осум часа секоја вечер, односно третина од деноноќието, пресметките имаат смисла.
Бидејќи се претпоставува дека сонуваме помеѓу 3 и 6 соништа секоја вечер (од кои повеќето не ги помниме) кои траат помеѓу 5 и 20 минути, тоа значи дека во просек, минуваме околу 6 години во сонување.
Спирова С. | Црнобело