„Жената мора да има најмалку тројца сопрузи“: 20 љубовни лекции од дивата која била мажена дури 9 пати
„Сакам маж кој е љубезен и разбран. Дали е премногу да се бара тоа од милионер?“ / „Вие навистина не го познавате мажот додека не се разведете од него“ - најлегендарните љубовни лекции на нескротливата, искрена дива За За Габор, која била мажена 9 пати.
Унгарско-американската актерка За За Габор е родена на 6 февруари 1917 година во Будимпешта. Вистинско име ѝ е Сари Габор, а таа ја започнала својата кариера во 1934 година кога била откриена од страна на тенорот Ричард Таубер за време на патувањето во Виена кога тој ѝ понудил улога во неговата нова оперета.
Една година подоцна, За За се омажила за Бурхан Асаф Белге. Ова е „само“ првиот од преостанатите 8 сопрузи во животот на актерката.
Таа била позната по својата искреност, остриот јазик и одличната смисла за хумор. Никогаш не ги криела своите неконвенционални ставови за љубовта и бракот, поради што сменила толку многу сопрузи.
Нејзиниот втор сопруг бил бизнисменот Конрад Хилтон, а бракот, исто како и првиот, немал среќен крај.
„Неговата одлука да го смени моето име од За За во Џорџија симболизираше сè што на крајот стана мојот брак со него. Моите унгарски корени мораа да бидат искоренети, моето потекло беше игнорирано.
Набргу сфатив дека мојот брак со Конрад го означи крајот на мојата слобода. Моите лични потреби беа целосно запоставени“, изјавила по разводот од познатиот богаташ.
Следувале браковите со Џорџ Сандерс, Херберт Хантер, Џошуа Косден, Џек Рајан, Мајкл О’Хар, Фелипе де Алба и Фредерик фон Анхалт.
Бракот со Де Алба е еден од најкратките во историјата. Имено, парот се венчал на 13 април 1983 година, а само ден подоцна, на 14 април, тие го поништиле бракот.
Таа се омажила за Фредерик фон Анхалт во 1986 година и останала со него сè до нејзината смрт на 12 декември 2016 година.
Прочитајте неколку од најлегендарните љубовни лекции на оваа нескротлива, искрена дива:
„Жената мора да се омажи од љубов и мора да се мажи додека не најде љубов“.
„Тајната на долгиот брак е во тоа што сопругот понекогаш излегува со своите другари навечер, но и тоа што сопругата излегува со нив“.
„Да се биде сакана е сила. Да се сака е слабост“.
„Мажите се како пожар, излегуваат надвор од контрола доколку ги оставите без надзор“.
„Отсекогаш сум велела дека бракот мора да биде 50-50. Човекот мора да има најмалку 50 години и да има 50 милиони долари на неговата банкарска сметка“.
„Научив дека адвокатите се најдобрите пријатели на жените, а не дијамантите“.
„Сакам маж кој е љубезен и разбран. Дали е премногу да се бара тоа од милионер?“
„Сакам интелектуални типови на мажи. Тие знаат сè, и не се сомневаат во ништо“.
„Мојата теорија е дека мажите сакаат со очите, а жените со ушите“.
„Разводот, само затоа што не го сакаш својот сопруг, е исто толку глупав како и да се омажиш со него само затоа што го сакаш“.
„Сама си ги плаќам сметките затоа што сакам сама да си изберам маж, и не му дозволувам тој да ме избере мене“.
„Вие навистина не го познавате мажот додека не се разведете од него“.
„Верувам во големи семејства. Секоја жена треба да има најмалку тројца сопрузи“.
„Љубовта мора да биде инспирација, а не обврска“.
„Последното нешто на светот што го сакам е мажот да знае што се случува во мојата глава. Тоа ја намалува мојата мистерија, а тоа е најважното нешто во односот меѓу мажот и жената“.
„Ако ви се допаѓа некој маж и вие му се допаѓате нему, омажете се што е можно поскоро. Во спротивно, и двајцата ќе се предомислите, а за тоа имате доволно време после свадбата“.
„Дали треба да му го вратите прстенот на мажот? Секако, но прво треба да ги извадите сите дијаманти од него“.
„Многу е полесно да усреќите туѓи сопруг отколку сопствениот“.
„Одлично ја чувам куќата. Секој пат кога ќе оставам некој маж, ја добивам неговата куќа“.
„За паметна жена, мажите не се проблем туку решение“.
(О)Милена | Црнобело