Заработува милијарди од крипто-валути, а спие на фотелја во канцеларија - Факти за најмладиот милијардер во САД
Има богатство од над 22 милијарди долари, за себе не троши ништо, туку го чека денот кога сите овие пари ќе ги донира. Живее во изнајмен стан со цимери, а најчесто спие на полнета фотелја во канцеларијата – факти за основачот на FTX, еден од најбогатите млади луѓе во САД.
Основачот на криптовалутата FTX, Сем Бенкман Фрајд е единствениот човек по Марк Закерберг кој успеал за брзо време да стекне големо богатство.
Според Форбс тој успеал да заработи 22,5 милијарди долари пред 30-иот роденден и се најде на 32-то место на листата со 400 највлијателни луѓе.
Во јануари 2018-та година Сем на 25 години го напуштил Вол Стрит за да се обиде да напредува во купувањето и препродавањето криптовалути и ја основал компанијата Аламеда која е сконцентрирана со трговијата на криптовалути. По ова Сем, ја основа и својата втора компанија FTX.
Бенкман Фрајд е целосно посветен на развојот на својот бизнис и на стекнувањето богатство, а верува во филозофијата на т.н. eфективен алтруизам, според која сè што заработил треба еден ден да го донира.
Во продолжение проследете неколку интересни факти за него:
Неговите родители се професори на Стенфорд, кои уште од мали нозе му наметнале практичен поглед на светот. Тој тоа го користи во сите аспекти во животот, па дури и во исхраната, а интересна е и неговата филозофија за тоа зошто станал вегетеријанец:
„Воопшто нема смисла тоа што една кокошка поминува измачување шест до осум недели за ние да ја изедеме за половина час“.
Сем студирал физика на престижниот МИТ Универзитет во САД, а во 2014-та година, на 22-годишна возраст се стекнал и со својата универзитетска диплома.
Тој верува во движењето за ефективен алтруизам, според кое човекот треба да се обиде да стекне плодна кариера за да има поголемо богатство што ќе може да го даде на другите.
Tака во периодот кога работел на Вол Стрит често донирал за организации за заштита на животни, но за заштита од можните закани од вештачката интелигенција.
Тој ја основал компанијата Алмеида која тргува со криптовалути на јапонскиот пазар, а кон крајот на 2018-та година одлучил да се пресели во Хонгконг за да ја основа криптовалутата FTX.
Од овие две компании тој успеал да заработи 22,5 милијарди долари, што верува дека треба да ги донира. Не знае кому, ниту кога ќе ги даде парите, но досега донирал 25 милиони долари што го прави најголем хуманитарец меѓу 400-те успешни луѓе на Форбс.
Во едно интервју за Intelligencer Сем откри дека има опсесивно – компулсивно растројство, а за него е впечатливо што редовно во јавност се појавува во црн дуксер, сиви кратки пантолони и стари патики, а неговата коса е нечешлана и неуредна.
Неговата скромност се рефлектира и во другите аспекти од животот. Основачот на FTX нема сопствен стан, туку живее под кирија со цимери, каде оди мошне ретко, затоа што најголем дел од времето го поминува во канцеларијата, каде спие по 4 часа дневно.
Б. С. Б. | Црнобело