Ја киднапирале терористи, со нив ограбила банка и завршила во затвор – Факти за Пати Харст која страдала од Стокхолм синдром
„Не е тајна дека бев киднапирана, силувана и измачувана на 19 години. Тоа што следуваше беше резултат на тоа што бев целосно уништена“. Вака во 2019-та година Пати Харст ги коментираше настаните од нејзината младост.
Пати Харст или Патриција Кемпбел Харст Шо (67) денес го живее животот на филантроп, мајка и баба и се воздржува од коментари во јавноста, но во периодот на 70-тите години на минатиот век нејзината приказна ја шокира светската јавност.
Во 1974-тата година, 19-годишната богата медиумска наследничка била киднапирана од страна на организацијата Symbionese Liberation Army (SLA), а потоа откако самата изјави дека им се придружила, беше фотографирана како извршува грабеж на банка и разбојништво. Денес приказната на Пати Харст се смета дека е типичен пример за Стокхолм синдром.
Почнувајќи од 1975-тата година, па до 2019-та година, нејзината животна приказна многупати била инспирација за снимање филм: Abduction (1975), Patty (1976), The Radical Story of Patty Hearst (2018), Drunk History: The Kidnapping of Patty Hearst (2019), American Woman (2019) и други.
Таа самата објави своја книга мемоари за периодот кога била во заложништво, насловена Patty Hearst: Her Own Story.
Во продолжение проследете неколку интересни факти за тоа како богатата наследничка станала разбојник и завршила во затвор:
Како ќерка на Рандолф Харст, Пати добила најдобро образование. Животот ѝ се променил во февруари 1974-тата година кога припадници на SLA провалиле во нејзиниот стан, го претепале нејзиниот свршеник Стивен Вид и ја киднапирале.
Целта на киднапирањето била SLA да го сврти вниманието на јавноста кон себеси. Тие, користејќи се со понижувачки методи, успеале да „ѝ го исперат“ мозокот и да ја присилат Пати да дава јавни изјави во кои ги осудува капиталистичките злосторства на нејзините родители.
По ова, Пати го добила прекарот Таниа, според партизанката Хајде Тамара Бунке Бидер која учествувала во револуцијата заедно со Че Гевара.
SLA успеале да изнудат од татко ѝ на Пати 2 милиони долари и ја натерале младата наследничка да им се приклучи во два грабежи: во банка во Сан Франциско и во продавница во Лос Анџелес.
Во 1975-та година Пати и други членови на SLA биле уапсени во Сан Франциско од страна на ФБИ. Иако Пати прво велела дека доброволно се приклучила, таа потоа почнала да покажува знаци на траума и признала дека била силувана и присилена да се приклучи на SLA.
Иако се верувало дека Пати ќе биде ослободена затоа што потекнува од угледно и богато семејство, сепак, кога се појавиле фотографии на кои таа е со пушка вперена кон луѓето во банката во Сан Франциско, била осудена на 7-годишна затворска казна.
Во затвор поминала околу 3 години, но во тој период делумно била и на слобода, во главно додека поднесувала барања за помилување. Во 1979-та година Пати конечно била помилувана од страна на тогашниот американски претседател Џими Картер, а во 1991-вата година целосно била помилувана од Бил Клинтон.
Два месеци откако излегла од затвор Пати се омажила за нејзиниот поранешен телохранител Бернард Шо.
Тие заедно имаат две деца Џилијан и Лидија Харст Шо. Нејзиниот сопруг Бернард почина во 2013-тата година, на 68-годишна возраст, по подолго боледување.
Во 2019-тата година CNN го снимаше документарниот филм The Radical Story Of Patty Hearst, а Пати даде изјава во која рече:
„Не е тајна дека бев киднапирана, силувана и измачувана на 19 години. Тоа што следеше потоа беа серија настани што беа директен резултат на тоа што додека бев дете, бев уништена и одвнатре и однадвор. Иако беше мошне тешко, сепак успеав да созреам и станав горда сопруга, мајка и баба“.
Пати денес живее во Јужна Каролина и вели дека воопшто нема намера да се навраќа на насилниот и болен период во нејзиниот живот. Се проценува дека нејзиното богатство денес изнесува 50 милиони долари.
Б. С. Б. | Црнобело